Европарламентарката Јовева за „Локално“: Трибунал во стилот на Нирнберг за Украинците да се одмаздат за ѕверските постапки на Путин

од Маја Анчевска
395 прегледи

Ја осудувам руската агресија врз украинската суверена земја и нејзиниот народ. Акциите на Русија не се само агресија врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, туку и напад врз безбедноста на Европа, меѓународниот поредок заснован на правила и либералните демократии, вели во разговор за „Локално“ Ирена Јовева, членка на Европскиот парламент.

Јовева е децидна дека уништената инфраструктура и урнати домови го покажуваат вистинското лице на бруталната војна што Русија ја води против Украина и нејзиниот народ.

– Во последните 42 дена, целиот свет го следи развојот на војната, секој ден е сведок на извештаи за се пострашни настани. Пријавените злосторства извршени од руските вооружени сили во многу окупирани и сега ослободени украински градови се несомнено потврдени. Вознемирувачките слики со голем број убиени цивили, деца, мажи и жени ќе не прогонуваат долго по завршувањето на војната. Масакрот во Буча и другите украински градови, едвај функционалните хуманитарни коридори и повеќе стотици убиени цивили ни дозволуваат да кажеме дека имаме работа со геноцид, вели Јовева.

Потврдува дека гонењето на воените злосторства, во денешно време, спаѓа под Меѓународниот кривичен суд (МКС) и Меѓународниот суд на правдата (МСП).

–  Украина веќе започна процедури во МСП, каде може да се решат конфликтите меѓу две земји. Меѓутоа, ако МСП донесе одлука против Русија, Советот за безбедност на ОН ќе биде одговорен за спроведувањето, што нема да се случи, бидејќи Русија  како една од петте постојани членки на Советот има право на вето. Сепак, Путин и неговиот близок круг би можеле да бидат кривично гонети од МКС, бидејќи според нивниот главен обвинител Карим Кан , постои разумна основа за воени злосторства извршени во Украина. Затоа, обвинителот може да побара од судиите на МКС да издадат налози за апсење за да ги изведат на судење во Хаг, како што тоа го направија неколку пати досега. Сепак, иако тие сами по себе немаат имунитет, МКС има една фатална маана, нема свои полициски сили, поради што  апсењата се отежнати, бидејќи се потпира на одделни земји за апсење на осомничените. Што значи, ако не ја напуштат земјата, остануваат безбедни, бидејќи Русија не е членка на МКС од 2016 година, а дури и да беа, Путин нема да се екстрадира себеси или други осомничени, вели Јовева.

Во нејзиното објаснување за што може да влезе, правно, во терминот „воено злосторство“,Јовева е јасна дека и војните имаат правила.

–  Почетокот на терминот „воено злосторство“ датира од две Хашки конвенции од 1899 и 1907 година. Сепак, почестата употреба на тој термин стана истакната во 20 век по Втората светска војна, кога најистакнатите договори што ги дефинираа воените злосторства беа четири Женевски конвенции од 1949 година, проследени со два дополнителни протокола, за појаснување во 1977 година, кои беа потпишани. Женевските конвенции се потпишани од сите земји-членки на Обединетите нации – која ја вклучува Русија,  што значи дека идентификациите за прекршување на нејзините норми важат за нив. Како и неколку други списоци на воени злосторства кои се наоѓаат во меѓународното хуманитарно право и меѓународните казнено-правни договори, кои ја обврзуваат секоја земја врз основа на тоа да се смета за дел од обичајното право, без оглед на неговата ратификација.

Оттука таа наведува неколку примери за воени злосторства.

– Во суштина, злосторство е ако цивилите се намерно нападнати, ако инфраструктурата за опстанок на цивилите е нападната (на пример руски напад врз породилиштето во Мариупол), ако агресор користи забрането оружје како што се противпешадиски нагазни мини, хемиски или биолошко оружје. Ако болните и ранетите не се згрижени, вклучително и повредени војници. И секое сериозно дело како што е убиство, силување или масовно прогонство на група, најчесто познато како злосторства против човештвото, појаснува таа.

Европарламентарката со македонски корена сигурна е дека Путин и руските генерали можат да бидат гонети и за геноцид.

–  Геноцид претставува секое намерно убиство на луѓе од одредена национална, етничка, расна или религиозна група со намера да се уништи групата – целосно или само делумно. Меѓутоа, со оглед на тоа што геноцидот е специфично воено злосторство, ќе треба доволно докази за таквата намера, што можеби е тешко да се добие, посочува Јовева.

Според неа постои можност да се направи еднократен меѓународен кривичен трибунал за кривично гонење на Путин и неговите соработници за воените злосторства и злосторствата за агресија во Украина, како што биле претходно направено кога Трибуналот донел политички и воени личности.

– На пример, имаше југословенски трибунал за Милошевиќ, Караџиќ и Младиќ, ирачкиот Садам Хусеин, Либериецот Чарлс Тејлор и Чад Хисен Хабре. Сите тие беа осудени во специјални процеси, а не во Меѓународниот кривичен суд. Многу политички лидери и политичари бараат да се создаде потребниот трибунал во стилот на Нирнберг кој ќе ги истражи и гони руските воени злосторства. Би било соодветно и според мене, тоа е најдобрата шанса за Украинците и да се одмаздат за неговите ѕверски постапки. И да не заборавиме дека МКС се разви од Нирнбершкиот трибунал, каде што беше донесена познатата пресуда за „злосторства против мирот“ во 1946 година. Претседателот Путин е истакнат бранител на таа пресуда, бидејќи неговиот постар брат стана жртва во опсадата на Ленинград, вели Јовева.

М.А.

Слични содржини