Приходите на државниот буџет на Русија оваа година би можеле да пораснат за повеќе од 65 милијарди долари благодарение на поскапата нафта, главниот извоз на земјата, пишува „Блумберг“.
Високите цени на „црното злато“ и дополнителните приходи од него финансиски го зајакнуваат Кремљ во време кога Москва се соочува со закана од дополнителни санкции од САД и Европа.
Економистите проценуваат дека цените ќе мора да останат на сегашните нивоа од околу 90 долари за барел за Русија да достигне 65 милијарди долари дополнителни приходи. Ако „црното злато“ достигне 100 долари – што не е горната граница, според некои набљудувачи – вкупната сума ќе биде поблиску до 73 милијарди долари, со што приходите ќе достигнат врвови невидени во последнава деценија.
Во рубљи, износот е уште поголем бидејќи руската валута ослабе во однос на доларот поради стравувањата од нови санкции поради украинската криза. Русија очекуваше добра година и прогнозира 9,5 трилиони рубљи приходи по цена од 62 долари за барел.
Сепак, Русија се обидува да ја намали зависноста од нафта. Оваа година, 38 отсто од приходите треба да доаѓаат од фосилни горива, што е повеќе од 50 отсто пред една деценија.
120 долари за барел?
Цените на нафтата би можеле да пораснат до 120 долари доколку се наруши извозот на Русија, предвидува JPMorgan. Очекувањата покажуваат како потенцијалната инвазија ќе има огромни ефекти.
Ако извозот на нафта од Русија се преполови, цената на „црното злато“ може да достигне 150 долари. Досега највисоко ниво беше 147,5 долари. Тоа беше постигнато во јули 2008 година.
Тензиите меѓу Русија и Украина ги зголемија цените во последните недели. Русија е втор најголем производител и на нафта и на природен гас, веднаш зад САД. Земјата е исто така клучен играч во картелот ОПЕК +.
Како може да се наруши извозот?
Прво, конфликтот може да влијае на енергетската инфраструктура во регионот.
Второ, западните сили може да воведат санкции за да го ограничат извозот – иако Вашингтон претпочита прво да ги „удри“ другите сектори на економијата.
Сепак, постои ризик дека самиот Путин ќе му возврати на Западот со тоа што нафтата ќе ја претвори во оружје.