Тешко е да се размислува и пишува за автомобилската индустрија кога во Украина умираат луѓе, а војната предизвикува огромна материјална штета. Но, животот мора да продолжи, а со тоа и економијата.
Војната во Украина најверојатно ќе го влоши недостигот на чипови во автомобилската индустрија – Украина е важен снабдувач на неон, потребен за производство на чипови (кој се користи во ласерите кои се клучни за производството).
Со доцнење на испораката, тоа би требало да влијае на производството на нови автомобили, а со тоа и на и онака долгите рокови на испорака.
Неколку производители на автомобили најавуваат дека планираат да го прекинат производството или да го префрлат по руската инвазија на Украина. Така, Автоваз, производителот на возила Лада и најголемиот руски производител на автомобили, најави дека во понеделник би можел да прекине некои производни линии поради постојаниот глобален недостиг на електронски компоненти, пишува „Automotive News“.
Компанијата е во сопственост на Лада Ауто Холдинг, во која Рено има контролен удел од 67,61 отсто и управува со неколку фабрики во Русија.
Францускиот производител на автомобили вели дека следната недела ќе прекине некои операции во погоните за склопување автомобили во својата земја поради тесните грла во логистиката предизвикани од недостигот на делови. Сепак, ниту Французите, ниту нивната филијала Автоваз не ја наведоа инвазијата како причина за одложување на производството, пренесе Ројтерс.
„Прекините првенствено беа предизвикани од построгите гранични контроли во транзитните земји и принудната потреба да се сменат голем број воспоставени логистички рути“, соопшти руската единица на компанијата. Иако Рено е најголемиот производител на автомобили во Русија меѓу западните компании, тој не е единствениот. Фолксваген соопшти дека ќе го прекине производството на неколку дена во две фабрики поради доцнење со набавката на деловите произведени во Украина, пишува Јутарњи.
Конфликтот во Украина ги погоди и компаниите поврзани со автомобилската индустрија. Така од финска Нокиа рекоа дека го преместуваат производството на некои клучни производни линии од Русија и САД за да се подготват за дополнителни санкции по инвазијата.
Производителите на автомобили може да бидат загрижени и за проблемите со синџирот на снабдување поврзани со металите паладиум, платина и родиум, кои се користат во производството на катализатори.
Русија произведува околу 38 отсто од светскиот паладиум и, иако има резерви надвор од земјата, погодените линии за снабдување на крајот може да влијаат на производителите на автомобили.
„Тешко е да се замисли глобален автомобилски бизнис кој нема паладиум од Русија“, изјави Марк Вејкфилд од консултантската компанија AlixPartners за Ројтерс.
Во меѓувреме, Nexta.TV објави дека Audi, Jaguar Land Rover, BMW, Mercedes-Benz, Citroen и General Motors ги прекинале испораките во Русија, но никој од производителите на автомобили сè уште не го потврдил извештајот.