Калач: Граѓаните конечно мора да сфатат – Македонија нема друга алтернатива освен Европа

од Destan Jonuzi
414 прегледи

Една од најжешките теми околу усвојувањето на преговарачката рамка предложена од Франција е и впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Ставот на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека неговата партија нема да ги поддржи уставните измени во овие околности, предизвикуваат неизвесна и тензична атмосфера во општеството, односно создаваат неизвесност кон нашите идни чекори на патот кон Европската Унија, вели адвокатот Јасмин Калач, зборувајќи за црвените лини на опозицискиот лидер за уставните измени.

– Едно треба да ни биде јасно, без измените на Уставот, конкретно – вметнување на Бугарите во македонскиот Устав, без оглед на околностите, нашите надежи како држава која има аспирации да стане членка на ЕУ ќе се распрскаат како скршено стакло. Уставот на државата ги претставува вредностите кон кои ние сме ориентирани како земја и општество. Доколку опозицијата смета дека Македонија треба да биде дел од ЕУ како што тврди, тогаш треба да ги превземе сите неопходни чекори кон тој пат, и заедно со Власта да собере сили и да се заврши овој дел од процесот, изјави Калач за „Локално“.

Јасмин Калач

Јасмин Калач

Да се потсетиме, додава тој, граѓаните добро се сеќаваат низ какви проблеми и тензии поминаа забелешките за францускиот предлог, за кои пак во парламентот беше потребно само просто мнозинство за да се изгласаат.

– Во овој случај, за промените на Уставот е потребно двотретинско мнозинство од страна на пратениците. Граѓаните на оваа држава треба еднаш конечно да сфатат, воедно и оние кои се симпатизери на опозицијата, дека ние немаме друга алтернатива освен европска Македонија. За тоа да се случи, сите, вклучувајќи ја и опозицијата во целост треба да придонесат кон тој пат. Не знам колку граѓаните се запознаени, но доволно е да го погледнат Уставот на Република Хрватска, и да видат дека Хрватите во него имаат апсолвирано 22 малцинства, меѓу кои се и Македонците. Бројот на Македонците во Хрватска според бројките од пописот во 2011 изнесувал 4.138. Бугарите исто така, се наведени во Хрватскиот Устав како малцинство, иако нивниот број според последниот попис во 2011 година изнесувал само 350 Бугари. Тоа е одлика на една Европска земја, нагласи Калач.

Тој истакна дека помалите политички партии, исто така не треба да ги злоупотребуваат овие моменти за некои свои цели, туку да бидат конструктивни, да не го отежнуваат патот за решавање на овој проблем, да не додаваат масло на огнот, туку да дадат свој придонес во решавањето. Фокусот треба да биде ставен на реформите кои ни ги налага ЕУ.

– Посветување на инцијативи кои се можеби небитни, наместо фокусирањето на реалните и потребните реформи, на нивното усвојување и имплементирање, значат само многу чекори наназад од нашиот пат кон ЕУ, подвлече тој.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски уште еднаш го повтори ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека во овие околности нема да ги поддржат уставните измени.

– Ако мислат дека ВМРО-ДПМНЕ и нејзината пратеничката група во овие околности ќе ги поддржи овие уставни измени, тогаш јавно кажувам дека тоа нема да се случи. Имаме јасен став. Кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ? Во овие околности немаме намера да поддржиме уставни измени, изјави Мицкоски.

Од друга страна, пратеничката на ДУИ, Вјолца Адеми најави дека има пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои ќе гласаат за уставните измени, поточно за внесување на бугарското, хрватското и црногорското малцинство во Уставот.

Д.Ј.

Слични содржини