Државите од Блискиот Исток им кажале на европските претставници дека се загрижени за потенцијалното избувнување на граѓанска војна во Иран како резултат на војната на Техеран со САД и Израел, изјави шефицата за европска надворешна политика Каја Калас.
„Кога разговараме со државите во регионот, тие велат дека се загрижени за потенцијални граѓански војни во Иран поради раководството на режимот и тоа што се случува таму“, изјави Калас на видеоконференција на европските министри за надворешни работи и претставници на Советот за соработка во Заливот за ситуацијата во Иран и Блискиот Исток.
ЕУ сака дипломатско решение, додаде таа. „Војните завршуваат дипломатски и мора да има простор за дипломатија за да излезе од оваа спирала на насилство“.
ЕУ е „многу загрижена“ за безбедноста на пловидбата и сака Ормутскиот теснец да остане отворен, изјави Калас, додавајќи дека бидејќи ЕУ не зависи од нафтата од земјите од Заливот, нападите не влијаеле на безбедноста на снабдувањето на ЕУ.
На прашањето за конфликтот меѓу Шпанија и САД, поради кој Вашингтон му се закани на Мадрид дека САД ќе ја прекине трговијата со Шпанија затоа што одби да дозволи користење на своите бази за напад врз Иран, Калас изјави дека се надева дека Вашингтон ќе го почитува трговскиот договор постигнат минатата година, кој важи за сите членки на ЕУ.