Американскиот потпретседател Камала Харис изјави денеска дека „војната на Путин во Украина е тотален неуспех за Русија“, додавајќи дека единственото решение за конфликтот на Блискиот Исток е Израел да ги врати заложниците, без Хамас да владее со Појасот Газа.
„Тоа е неуспех на Путин, бидејќи Украина врати половина од територијата што Русија ја окупираше на почетокот на агресијата. Руската армија претрпе тешки удари, загуби две третини од тенковите и една третина од својата флота во Црното Море. Русија има и 300.000 жртви во војната, што е пет пати повеќе отколку во Авганистан. Затоа плаќа економска цена, за својата агресија. Мора да плати за штетата што и ја нанесе на Украина“, рече Харис на панел на Минхенската безбедносна конференција.
Таа додаде дека САД ќе работи во Конгресот на обезбедување клучно оружје за поддршка на Украина.
Кога станува збор за конфликтот на Блискиот Исток, Харис рече дека Вашингтон работи на оконување на конфликтот што Хамас го започна на 7 октомври со смртоносен напад во јужен Израел.
– Сакаме да го прекинеме конфликтот за Израел да биде безбеден, заложниците да бидат ослободени, а хуманитарната криза да се реши. Хамас нема да ја контролира Газа, а Палестинците ќе можат да уживаат во слободата. Исто така, работиме да се одбраниме од агресијата на Иран и неговите „прокси“, да спречиме регионална ескалација и да ја промовираме интеграцијата во тој регион – рече Харис.
Таа рече дека НАТО е најголемиот воен сојуз што светот некогаш го видел, врз основа на „едноставна премиса“.