Целта на етаблирање на начелото на владеење на правото е да ја заузда политиката до границите до кои може да оди т.е. да ги заузда и политичките партии и извршната власт за тоа дека нивната вистинска улога е унапредување на демократските односи, нудење на проекти и слично, а не притисоци врз судските институции како ќе ги решаваат предметите, изјави академик Владо Камбовски.
Во изјава за медиуми по презентацијата на Развојната секторска стратегија за правосудството 2024-2028, Камбовкси рече дека во свеста на развојот на судството лежи нашата иднина.
– Затоа што ние не ќе можеме да зачекориме ниеден чекор напред ако не го етаблираме начелото на владеење на правото како основно начело не само на државното уредување, туку како стил на живот, како начело кое влегува во сите пори – во делот на економијата, истакна Камбовски.
Тој рече дека основни протагонисти на владеење на правото се судовите и другите правосудни институции кои учествуваат во примената на правото и низ примената на правото претворајќи ги нормите и законите во живо право.
– Инаку, ако имате закони, а немате праведни пресуди, праведни постапки вие сте неправна држава. Ние сме на нивото на таква држава, тоа не е правна држава, не е демократска правна држава затоа што го имаме квалификативот на заробена држава, хибриден режим и така натаму. Затоа е исклучително важно, како што во оваа фаза сите учесници во процесот на креирањето на оваа стратегија, тоа беа претставници на невладини организации, судови, академска заедница, имаа општа подршка заеднички консензус, така очекувам и политичките партии да се однесуваат кон неа на истиот начин, рече Камбовски.
Спопред него, само ако го изодиме патот на конституирање, односно етаблирање на начелото на владеење на правото со централна позиција на судството кое ќе може да парира на извршната власт, па дури и да влијае на законодавната власт во однос на донесувањето на исправни закони, ќе бидеме, како што рече „за Европа“.
– Односно, само исправни закони можат да бидат право, не и закони кои да речеме легализираат злоупотреби, легализираат неправда и слично на тоа. Јас мислам дека таа свест ќе преовлада. Сега кога веќе таа стратегија е усвоена од Владата и ќе дојде до сите учесници во политичките процеси, ќе треба да развие соодветна активност понатаму во донесувањето на програми за работа на владата, програма за работа на Собранието итн. ќе најде соодветен одговор што се очекува за да се постигне нејзината главна цел, рече Камбовски.
Како позитивна работа го издвои тоа што системот на мониторинг, следење и евалуација ќе биде поставен на поинакви основи.
– Значи, не само некое формално од време навреме заседавање на некој совет за реформи што ќе каже – да, овде имаме напредок, овде немаме, туку, низ едно секојдневно следење на тоа што се случува на планот на судството, на законите, на постапувањето на одделни институции и така натаму, рече Камбовски.
Во врска со иницијативата за дисциплинска за претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, тој вели дека не може да коментира бидејќи не знае кои се основите за покренување на таква иницијатива.
– Надвор од овој конкретен случај, бидејќи мислам дека ова што ќе го кажам треба да има некои импликации вакви или онакви по однос на таа иницијатива. Ние имавме долго време проблеми околу едно прашање кое е врв на судската власт – дали е тоа Судскиот совет или е Врховниот суд. Сега зборувам за општ проблем што оваа стратегија, овој документ сака да го надмине и да го релаксира за да ги избалансира тие односи во еден вистински правец дека судската власт е посебна власт на чие што чело – врв стои Врховниот суд. Изгледа дека таквото пресметување помеѓу овие две институции како да им одговараше и на едната и на другата институција. Ние немавме доволна активност од Врховниот суд по примената на законите и обезбедување на единство во примената на законите, а му одговараше и на Судскиот совет кој главно некако се ориентира да се форматира себеси како некој контролор во работата на судовите, вклучувајќи го и Врховниот суд. Тоа да си биде тело кое ќе ја гарантира независноста и самостојноста на судството пред се од надворешните влијанија. Врховниот суд си е врв на судската власт кој ќе гарантира воедначена правична, праведна примена на законите од сите судови што се наредени во таа пирамида на чие што чело е, рече Камбовски.
На прашањето како е решен проблемот на застарување на судските процеси, одговори дека се зајакнуваат инструментите за дисциплинирање на учесниците во постапката.
– Во Законот за кривична постапка кој, исто така, е при крај, се зајакнуваат овие инструменти за, така да речам, дисциплинирање на учесниците во постапката посебно. Јавното обвинителство во однос на роковите во кои мора да постапуваат во истрагата и поднесувањето на обвинението и исто така во делот на одлагањето на главните расправи од страна на судовите со исто зголемување на некоја улога, не е тоа контролна и не смее да биде бидејќи секој судија е независен, на претседателите на судовите кои мора да водат сметка за тоа како се менаџира со предметите во секој суд, соодветно на тоа како се менаџира со предметите во ЈО, дали има ажурност или нема ажурност во сето тоа, кажа Камбовски.
Отворањето на прашањето за заштита на правото на судење во разумен рок го посочи, исто така, како решение.
– Се размислува за тоа да се воведат уште поефикасни механизми за забрзување на постапката и запазување на тоа право не отпосле откако е завршен процесот па странката не е задоволна и затоа се жали зошто долго, туку во текот на самата постапка соодветни механизми со кои таа ќе може да влијае на тоа судењето да трае во еден навистина нашите постапки казнени реков за за жал граѓанските се поефикасни траат како што покажуваат сите анализи предолго. Таа правда, задоцнета правда е никаква правда, рече Камбовски.
Судството и јавното обвинителство, капацитетите на посебните институции на правосудниот систем, индивидуалните професии и јавни служби, Уставниот суд и специфичните правни области (кривична и граѓанска материја) се петте клучни приоритетни области релевантни за функционирање на правосудството вклучени во Развојната секторска стратегија за правосудството 2024-2028 што денеска ја презентираше Министерството за правда.