Првиот потпретседател на Европскиот парламент Отмар Карас изјави дека се разгледуваат сите можни санкции против Москва, вклучително и гасоводот „Северен тек 2“, тврдејќи дека Русија се обидува да ја дестабилизира Европа не само во Украина, туку и во Србија, Унгарија и Полска.
„Ниту една санкција не е изоставена“, изјави тој за австрискиот јавен сервис ОРФ, додавајќи дека Европа не смее само да ги следи заканите на Русија.
Карас тврди дека Русија е агресор, ги прекршува законите и договорите.
„Ако има инвазија на Украина, мора да следат дополнителни санкции“, побара тој.
Австрискиот политичар посочи дека Европа секогаш ќе бара разговори и никогаш нема да делува воено во смисла „око за око – заб за заб“, туку ќе остане врз основа на правата и вредностите, нагласувајќи дека ЕУ е „слаба“ за воени прашања.
Тој изрази надеж дека договорот во областа на заедничката безбедност и надворешната политика на ЕУ ќе се промени, бидејќи во спротивно Унијата ќе биде несигурна.
Карас побара од ЕУ да се приклучи на тековните преговори со Русија.
„Русија не дозволува Европа да седне на маса“, тврди тој, посочувајќи дека целта мора да биде да се спречи „агресорот“ Русија да продолжи со политиката на дестабилизација на Европа.