Населбата Карпош 3 добива зелен и спортско-рекреативен центар. Се работи на нови спортски терени за кошарка, мал фудбал, ракомет и сервис во дворот на основното училиште „Лазо Трповски“.

Започнаа изведбените – теренски активности за новиот зелен и спортско – рекреативен центар, во кој се предвидува ново зеленило, фитнес дел, а во завршна фаза е и детското игралиште.
Во изјава за медиуми, градоначалникот Стефан Богоев посочи дека на оваа површина, од 11.190 м2 доминантно ќе биде зеленило.
Предвидуваме засадување на нови, висококвалитетни дрвја, тревна површина, систем за наводнување на зеленилото, како и клупи за седење и корпи за отпадоци. Овој дел е во срцето на Карпош 3. Зоната ќе биде наменета за сите генерации на граѓани. Токму овие, маалски паркови придонесуваат за враќањето на маалскиот соживот и дружба, рече Богоев.
Оваа површина, која е дел од училишниот двор, во должина на булевар „Илинден“ повеќе години делуваше запуштено. Граѓаните од овој дел на Карпош имаа потреба од содржини за спорт и рекреација, а изборот на спортски игралишта се направи и во консултација со нив.