Казахстан е непропорционален ризик за глобалните енергетски пазари

од Vladimir Zorba
327 прегледи

Казахстан е аномалија во инаку нестабилната Централна Азија. Годините на стабилност во земјата и овозможија на економијата богата со ресурси да расте многукратно во последните две децении, која доби милијарди инвестиции од гиганти како Chevron и TotalEnergies, пишува „Дојче веле“.

Меѓутоа, во последниве денови, поранешната советска република беше потресена од улично насилство без преседан во нејзините 30 години независност. Првичното незадоволство произлезе од зголемувањето на цените на горивата, но подоцна прерасна во протест против корупцијата и непотизмот.

Демонстрациите предизвикаа остра реакција – претседателот Касим-Џомат Токаев прогласи вонредна состојба и побара воена помош од Русија за справување со протестите.

Демонстрациите и последователната репресија од страна на државниот апарат врз најголемиот светски извозник на ураниум и голем производител на нафта и гас предизвикаа загриженост кај инвеститорите кои стравуваат дека социјалното и политичкото незадоволство може да ја поткопа репутацијата на Казахстан како кредибилна инвестициска дестинација.

Економистот Тимоти Еш, експерт за регионални прашања, поставува интересно прашање: „дали одговорот на владата не бил премногу насилен и дали тоа нема да ги наведе западните влади да ја санкционираат земјата“.

Казахстан произведува 40 отсто од светскиот ураниум – главното гориво за нуклеарните реактори – што го прави еден од клучните играчи во глобалната транзиција кон чиста енергија. Државната компанија за ископ на ураниум „Казатомпром“ вели дека досегашните проблеми не влијаат на производството и извозот. Сепак, спот цените на ураниумот нагло пораснаа на крајот на минатата недела.

„Cameco“, голем канадски производител и партнер на „Казатомпром“, предупреди дека проблемите со испораките од Казахстан ќе бидат „значаен катализатор на пазарот на ураниум“. Портпаролот на компанијата, исто така, нагласи дека ситуацијата јасно потсетува дека не треба да се потпира на еден извор на снабдување.

Казахстан, кој обезбедува 20 отсто од европските потреби за ураниум, стана главен играч поради ниските производствени трошоци во земјата, клучен фактор во светот по Фукушима, каде побарувачката и цените на горивото нагло паднаа. Меѓутоа, во последниве години, тие закрепнаа откако голем број земји се потпираа на нуклеарната енергија како метод за справување со климатските промени.

Казахстан е исто така членка на ОПЕК + и е најголемиот производител на нафта во Централна Азија со просечно дневно производство од 1,6 милиони барели. Голем дел од горивото оди во ЕУ и Кина.

Земјата е исто така меѓу најголемите снабдувачи на јаглен со 108 милиони тони извадени во 2018 година.

Секторот за јаглеводороди е одговорен за околу 60 отсто од странските директни инвестиции на Казахстан од 1991 година, како и за повеќе од половина од неговата извозна заработка.

Слични содржини