Руската војска употребила касетни бомби речиси 6.000 пати во Украина, соопшти денес украинското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението, министерството ја повика меѓународната заедница да обрне внимание на „масовната, намерна, целна и систематска“ употреба на руска касетна муниција, објави Укринформ.
„Украинските власти веќе регистрираа најмалку 5.974 факти за употреба на таква муниција од страна на Русија. Руските окупатори редовно вршат ракетни и бомбардериски напади врз украинските одбранбени сили и цивили користејќи ги ракетните системи „Смерч“, „Град“, „Ураган“, „Точка-У“ и авионските бомби опремени со касетна муниција“, се вели во соопштението.
Во соопштението се наведува дека „особено бруталните“ последици од овие напади вклучуваат убиство на 22 и ранување на 31 лице во Чернигов на 17 март 2022 година, нападот врз Краматорск на 8 април 2022 година со касетна ракета на железничка станица за време на евакуацијата на цивилите, во кој загинаа 54, а 135 лица беа повредени, и гранатирањето на Киев на 17 јуни 2025 година со ракета Х-69, по што беа откриени 29 предмети слични на касетна муниција.
Министерството нагласува дека ова не е ни блиску до комплетен список на украински градови во кои Руската Федерација користела касетна муниција и потсетува дека слични напади во градовите Николаев, Харков, Одеса, Суми, Херсон, Чугуев, Добропил, Ахтирка, Затока, како и на териториите на Донецката, Запорошката и Луганската област доведоа до бројни цивилни жртви, вклучувајќи деца, и големи уништувања на станбени, медицински, образовни и критични инфраструктурни објекти, пренесува Танјуг.