Северна Кореја планира да изгради нов разорувач од 5.000 тони до октомври 2026 година, објавија денес државните медиуми.
Според извештајот на Корејската централна новинска агенција (KCNA), работниците во бродоградилиштето во западниот крајбрежен град Намфо вчера одржале состанок, на кој ветиле дека ќе ја завршат изградбата на новиот разорувач до 10 октомври 2026 година, датум кој има посебно значење бидејќи Северна Кореја по тој повод ја одбележува годишнината од основањето на Работничката партија на Кореја, објави Јонхап.
Северна Кореја во април го претстави својот прв разорувач од 5.000 тони, „Чое Хјон“, како дел од напорите за зајакнување на своите поморски воени капацитети.
Во јуни, друг брод од истата класа, „Канг Кон“, кој претходно претрпе штета при првиот обид за лансирање во мај, беше лансиран по поправките.