Ким за Канје: Ние сме беспомошни, тој е болен

од Stefanija Kuzmanovska

По неколку дена тишина, Ким Кардашијан проговори за Канје Вест и за неговиот наводен нервен слом.


Како што изјави таа, семејството е немоќно, а Канје е генијален, но комплициран.

Таа додаде дека зборовите на Канје понекогаш не одговараат на неговите намери.

Нејзиниот сопруг синоќа објави дека се обидува да се разведе со неа откако таа била видена во хотел со раперот Мик Мил.

„Оние кои ги разбираат менталните болести или компулсивното однесување знаат дека семејството е беспомошно освен ако не се работи за малолетник. Знам дека Канје е предмет на критика затоа што тој е јавна личност и неговите постапки предизвикуваат силни емоции и мисли. Тој е генијален, но комплициран човек кој заедно со притисокот да се биде уметник со темна кожа, чувствува болка поради губењето на својата мајка, односно се справува со притисокот на изолацијата, засилено со неговото биполарно растројство. Оние блиски до него ја знаат неговата душа и сфаќаат дека неговите зборови понекогаш не одговараат на неговите намери“, напиша Ким.

„Многумина од вас знаат дека Канје има биполарно растројство. Секој што се бори со него или има блиска личност што се бори, знае колку е неверојатно комплицирано и болно. Никогаш не сум зборувала јавно за тоа како тоа влијае врз нас, бидејќи сакам да ги заштитам нашите деца и правото на приватност на Канје кога станува збор за неговото здравје. Денес чувствувам дека морам да коментирам затоа што има стигма и недоразбирање на менталната болест“, посочи таа.

Таа истакна дека лицето мора да бара помош самостојно, а не семејството и пријателите наместо него.

„Живеењето со биполарно растројство не ги намалува неговите соништа и креативноста, без оглед колку големи и неостварливи им се чинат на другите. Тоа е дел од неговата генијалност на која сме сведоци, многу од неговите соништа се остварија“, истакна таа.

Слични содржини