По неколку години тестирање и развој на неколку различни автономни возила, како и неколку компании кои веќе ставија во функција делумно автоматизирани такси, оваа недела Кина ќе ја добие и првата целосно автоматизирана такси услуга. Тамошните власти дадоа лиценца за роботакси без возач или безбедносен оператор на технолошката компанија Baidu, а таа се однесува на градовите Вухан и Чонгкинг.
Дозволите не ги опфаќаат сите области на овие градови, туку одредени делови – економско-технолошката деловна зона Вухан и околу 30 квадратни километри од областа Јонгчуан во Чонгкинг. На Baidu ќе му биде дозволено да оперира таму со својата флота од автономни такси возила од 9 до 17 часот, односно од 9:30 до 16:30 часот, ќе може да наплаќа за такви возења на нормален начин, а во истото време веќе нема да има специјален оператор во кое било такси за да се грижи за сообраќајот и безбедноста на патниците.
Голем чекор напред
Ова е прва дозвола од ваков тип во Кина. Во Пекинг, на пример, Baidu, Pony.ai и Toyota имаат лиценци за автономни такси возила, но сепак мора да имаат безбедносен оператор во градот. Досега единствено место каде што им беше дозволено привремено целосно да возат без човечки надзор беше на отворени патишта на строго одредени места.
Од Baidu велат дека ова е многу голем и значаен чекор во развојот на роботаксито, како за нив така и за целата индустрија.
„Ако го споредиме со истражување на вселената, овој момент е сличен на оној кога луѓето слетувале на Месечината“, вели Веи Донг, шеф за безбедност во сообраќајот на компанијата.
5G како предуслов
Baidu планира да ја прошири својата роботакси услуга Apollo Go во дури 65 градови до 2025 година, а на стотина од нив до крајот на деценијата. До крајот на оваа година во својот возен парк ќе додаде 300 нови автономни возила.
Еден од предусловите за проширување на мрежата на автономни возила е инфраструктурата V2X (vehicle-to-everything), особено проширувањето на брзите 5G мрежи. Тие им овозможуваат на возилата да се поврзат меѓу себе и со контролниот центар, да собираат информации за сообраќајот и животната средина во реално време и да ги споделат со целата флота.