Кина и Русија отсекогаш соработувале на полето на енергетиката врз основа на взаемна почит и корист, изјави денеска портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи, Мао Нин, одговарајќи на новинарско прашање дали Пекинг размислува да се приклучи на договорот за ограничување на цената на руската нафта.
„Нафтата е еден од основните светски производи и заштитата на безбедноста на глобалното снабдување со енергија е од примарно значење. Сметаме дека сите страни треба да преземат конструктивни напори за таа цел“, рече Мао Нин, одговарајќи на прашањето како одлуката за ограничување на цената на руската нафта ќе влијае на светскиот пазар и на глобалната енергетска безбедност.
Утринава стапија на сила нафтените санкции на западните земји. Европската унија престанува да купува руска нафта што се транспортира по морски пат, а земјите од Г7, Австралија и Европската унија воведуваат ограничување на цената на нафтата што се транспортира по морски пат од Русија од 60 долари за барел.
Русија е главниот снабдувач со нафта за Европа, покривајќи околу 20 отсто од потребите за оваа суровина.
Алијансата ОПЕК плус одржа состанок во неделата пред стапувањето на сила на ограничувањата. Одлучено е да се зачуваат постојните квоти за производство на нафта. Рускиот вицепремиер Александар Новак, коментирајќи ја одлуката и претстојното ембарго, рече дека Русија нема да прифати ограничување на цената на нафтата, дури и ако тоа значи намалување на производството. Тој додаде дека таквите ограничувања претставуваат мешање во пазарните инструменти и дека Русија е подготвена да соработува само со оние потрошувачи кои ќе работат во согласност со пазарните услови.