Кина ќе ја принуди Alibaba да започне сопствено производство на чипови

од Vladimir Zorba
271 прегледи

Со цел конечно да го исполни неостварениот сон Кина да стане суверена технолошка суперсила, владејачката Комунистичка партија почна да врши зголемен притисок врз гигантот во е-трговијата, Alibaba да се впушти во скапиот бизнис со дизајнирање на сопствени чипови.

Во ноември оваа година, кинеската компанија за онлајн продавница Alibaba го претстави новиот процесор за пресметки во облак. Чипот Yitian 710 ќе биде вграден во нови веб-сервери и е специјално дизајниран да работи со апликации кои користат вештачка интелигенција и управуваат со складирање податоци. Во Alibaba се фокусираа на дизајнирање на процесорот Yitian 710, а истовремено го надополнија производството.

На развојот на полупроводникот се приклучија кинескиот технолошки гигант Tencent, чиј бизнис вклучува социјални мрежи и видео игри, и кинескиот производител на паметни телефони Xiaomi. Тие се обврзаа да инвестираат неколку милијарди долари за да го реализираат планот за создавање компјутерска технологија, чиста енергија и други технологии кои на Кина треба да и донесат огромно богатство и глобално влијание.

Чиповите играат сè поважна улога во производите – од паметни телефони и автомобили, до медицински уреди и домашни апарати. Недостигот на чипови предизвикан од пандемијата постојано го стопираше производството на автомобили и доведе до недостиг на електроника за широка потрошувачка.

Кинеската комунистичка партија го стави производството на чипови на врвот на своите приоритети, што треба да обезбеди дека ќе ја прекине зависноста од технологијата од САД, Јапонија и други добавувачи кои Пекинг ги гледа како потенцијални економски ривали.

Ако Кина успее во својот план, тоа може да доведе до забавување на глобалните иновации и глобалната трговија и на крајот да го направи светот посиромашен, предупредуваат политичките експерти.

„Самодовербата е темелот на кинеската нација“, рече кинескиот претседател Си Џинпинг во говорот објавен во март, повикувајќи ја Кина да стане „технолошка суперсила“ за заштита на „националната економска безбедност“.

„Мораме да се стремиме да станеме врвен светски научен центар и врв на иновациите“, додаде Си.

Засега Пекинг е осамен во идејата за технолошка независност и се поголеми се шансите да ита кон големо разочарување.

Имено, аналитичарите и економистите веруваат дека дури и со големи владини инвестиции, производителите на чипови и другите компании тешко ќе се натпреваруваат доколку се одделат од светските добавувачи на напредни компоненти и технологија.

Ако светот се подели на пазари со некомпатибилни стандарди и производи, деловите направени во САД или Европа можеби нема да работат во кинески компјутери или автомобили.

„Производителите на паметни телефони кои имаат еден доминантен глобален оперативен систем и два мрежни стандарди можеби ќе треба да направат уникатни верзии за различни пазари. Ова може да го забави развојот“, предупредуваат експертите.

Вашингтон и Пекинг мора да „избегнат да го поделат светот“, изјави генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за „Асошиејтед прес“ во септември.

Кина засега е сè уште многу зависна од увезените чипови. Кинеските фабрики склопуваат паметни телефони и таблети, но потребни се компоненти од САД, Европа, Јапонија, Тајван и Јужна Кореја. Чиповите претставуваат најголем увоз во Кина, пред суровата нафта, со повеќе од 300 милијарди долари минатата година.

Кинеското брзање околу производството на чипови започна откако Huawei, првиот глобален технолошки бренд во Кина, го загуби пристапот до американските чипови и друга технологија во 2018 година поради санкциите наметнати од Белата куќа.

Слични содржини