„Кина мора да внимава да не падне во стапицата на социјалната држава“, рече Хан Венксиу, член на Централната комисија за финансиски и економски прашања.
Сепак, посветеноста на Кина за „заеднички просперитет“ на сите граѓани, како дел од напорите на претседателот Си Џинпинг да ја намали нееднаквоста во втората по големина светска економија, не значи „убивање“ на богатите за да им помогне на сиромашните, рече Хан, кој, исто така, е официјален претставник на владејачката партија, на брифинг за новинарите во Пекинг, пренесува Ројтерс.
Оние кои „прво се збогатуваат“, вели тој, треба да им помогнат на сиромашните, но исто така е неопходно да се поттикне трудот.
„Не смееме да чекаме помош, да се потпираме на помошта на другите или да бараме помош. Не смееме да поддржуваме неактивност“, нагласи Хан.
На состанокот што го водеше претседателот Си, претходно овој месец, беше кажано дека Кина ќе ги заштити легалните приходи, но и дека „рационално ќе ги прилагоди оние што се премногу високи“ со тоа што ќе ги охрабри деловните групи и компаниите со високи приходи да дадат поголем придонес во општеството.
Добротворните донации ќе бидат охрабрени од даночната политика и тие можат да ја подобрат „структурата на дистрибуција“, рече Хан, нагласувајќи дека донациите „не се обврска“.
Промената на политиката доаѓа во услови на построги контроли и мерки за спречување на илегалните активности на големите компании, особено кинеските технолошки гиганти.
Инвеститорите веруваат дека во моментов се случуваат големи промени во Кина, бидејќи владата агресивно ја спроведува реформата со цел да го намали притисокот врз трошоците за живот на сметка на компанијата.
Неодамнешните мерки за корекција и регулирање на работата на интернет платформите се фокусирани на неправилности и незаконски однесувања и „апсолутно“ не се насочени кон приватни компании или странски компании, нагласи Хан, пренесе Ројтерс.