Кинеското Министерство за трговија објави денеска дека ги укина тарифите за австралиското вино кои важеа повеќе од три години. Одлуката за укинување на царините ќе стапи на сила утре, се наведува во соопштението за печатот од кинеското Министерство, пренесува „Еј-би-си нет“.
Кина воведе тарифи за австралиското вино во 2020 година за време на дипломатскиот конфликт меѓу Канбера и Пекинг, а во еден момент тие се искачија до 220 отсто.
Пекинг цело време тврдеше дека царините се насочени кон антиконкурентското однесување на австралиската винска индустрија, но Камбера беше категорична дека тоа е чин на политичка одмазда откако владата на премиерот Морисон постојано се судрираше со Пекинг.
Австралискиот извоз на вино во Кина го достигна врвот од 1,1 милијарда долари во 2019-2020 година, но се сведе на мал дел од тоа по воведувањето на царините. Австралиските производители на вино беа сериозно погодени бидејќи Кина беше најголемата извозна дестинација на Австралија.
Во 2020 година, Пекинг воведе серија санкции за австралиските стоки, за кои се проценува дека ја чинеле австралиската економија повеќе од 12 милијарди евра. Повеќето од гореспоменатите санкции оттогаш се укинати бидејќи односите меѓу двете земји се подобрија.
Потрошувачката на вино во Кина драстично опадна во последниве години, а аналитичарите предупредуваат дека извозот веројатно нема да се врати на претходното ниво дури ни по укинувањето на царините.
Пекинг се согласи да ја преиспита одлуката за царините на виното во замена за тоа Австралија да се откаже од жалбата до Светслата трговска организација, пренесува „Еј-би-си нет“.