Изминатите неколку години не беа добри за богатите во Кина, особено за оние кои го стекнаа своето богатство во некогаш огромниот профитабилен градежен сектор.
На почетокот на годината, Илон Маск го постави озлогласениот Гинисов рекорд за номинален пад на богатството, но во однос на процентуалната загуба на богатството го надмина Хуи Ка Јан, еден од лидерите на кинескиот градежен гигант „Евергранде“.
Богатството на некогаш вториот најбогат човек во Азија падна за 93 отсто – од 42 милијарди, колку што ги имаше во 2017 година, на „само“ три милијарди, според индексот на милијардери на Блумберг.
Со долг од 300 милијарди долари, „Евергранд“ е во центарот на кризата со недвижностите од почетокот на 2021 година. Хуи се обиде да го искористи своето лично богатство за да ја стабилизира компанијата, продавајќи куќи и приватни авиони.
Но, тоа не беше доволно, па во декември 2021 година, компанијата не успеа да ги исплати заемите во долари и да ги исполни своите обврски кон доверителите, добавувачите и инвеститорите.
„Евергранд“ е огромен. Вработува околу 200.000 луѓе, во 2020 година заработи 110 милијарди долари од продажба на недвижен имот и поседува повеќе од 1.300 градежни парцели во 280 градови.
Аналитичарите стравуваат дека колапсот на „Евергранд“ може да предизвика домино ефект на кинескиот пазар на недвижности, што би можело да го повлече и остатокот од финансискиот сектор. Според Bloomberg, градежниот сектор и поврзаните индустрии сочинуваат околу 30 отсто од кинескиот БДП.