По веста објавена од Иранската државна телевизија дека хеликоптерот, со кој патувал претседателот на Иран, Ебрахим Раиси, имал „тешко слетување“ на терен се упатени 16 спасувачки тимови и беспилотни летала.
Иранска новинска агенција (ИРНА) на англиски јазик објави дека се случила несреќа односно хеликоптерот се урнал. Иранската државна телевизија, како и ИРНА не јавија дали Раиси или други лица се повредени.
Претходно иранската новинската агенција Мехр објави дека операцијата за пребарување и спасување ќе потрае извесно време поради непроодноста на теренот, планинските и шумските услови, како и неповолните временски услови, особено густата магла.
Дел од иранските медиуми објавија дека некои од придружниците на претседателот во хеликоптерот успеале да стапат во контакт со централните власти, истакнувајќи оти тоа надеж дека нема жртви во инцидентот.
Конвојот на претседателот се состоеше од три хеликоптери. Во другите две летала се превезувале други ирански функционери, меѓу кои и министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан и гувернерот на иранската провинција Источен Азербејџан.
Раиси патувал во Источен Азербејџан, а инцидентот се случи во близина на градот Џолф, во близина на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од главниот град на Иран, Техеран.
Раиси (63) на претседателската функција стапи во август 2021 година, по гласање во кое беше забележан најмал одѕив во историјата на Исламската Република. Тој е радикал кој претходно го водеше судството во земјата. ,
Раиси беше санкциониран од САД делумно поради неговата вмешаност во масовната егзекуција на илјадници политички затвореници во 1988 година на крајот на крвавата иранско-ирачка војна.
Под Раиси, Иран сега збогатува ураниум до нивоа што се блиску до нивоа на оружје и ги попречува меѓународните инспекции. Иран ја вооружи Русија во нејзината војна против Украина , како и изврши масовен напад со беспилотни летала и ракети врз Израел во време на неговата војна против Хамас во Појасот Газа.
Исто така, тој продолжи да ги вооружува прокси групите на Блискиот Исток, како што се јеменските бунтовници Хути и либанскиот Хезболах.