Горица Додик, ќерка на водачот на босанските Срби, Милорад Додик, се огласи на социјалните мрежи откако нејзиниот татко беше осуден на непрaвосилна пресуда за непочитување на одлуките на високиот меѓународен претставник Кристијан Шмит.
„Управникот на логорот наречен Босна, Кристијан Шмит, денеска и пресуди на Босна“, напиша Горица. „Не радувајте се пред време, колонии и робови на странскиот окупатор“, додаде таа во друга објава.
Додик е осуден на една година затвор, со шестгодишна забрана за политичка активност. Уште пред да биде изречена пресудата тој најави дека нема да ја прифати одлуката на Судот на БиХ.
Американците воведоа санкции за децата на Додик
Инаку, во октомври 2023 година, американското Министерство за финансии воведе санкции за децата на Додик, Горица и Игор.
„Игор Додик се занимавал со поткуп на опозициски политичари, на кои им биле понудени политички назначувања во замена за критички информации и позиции за набљудувачи на изборите на избирачките места. Горица Додик е вклучена во спроведување политички и деловни активности за нејзиниот татко, вклучително и сопственост на неколку ентитети кои добиваат значителна помош од владата на РС по наредба на Додик“, објави тогаш Стејт департментот на САД.
Горица го коментираше воведувањето санкции наведувајќи дека поради тоа се чувствува „привилегирано“. „Рацете ви се крвави до лактите, кој и да ве поддржува е соучесник во вашите монструозни злосторства низ светот“, и порача таа на американската администрација.