Дали забележавте дека јазикот што го користиме за климатските промени постојано се менува? Како што глобалното затоплување станува сè поприсутна тема, се појавуваат нови термини.
Кон крајот на 2024 година, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека светот претрпел „деценија смртоносна топлина“, по десет години рекордни температури. Оваа изјава отсликува како екстремните временски услови станаа дел од секојдневниот живот, а со нив и новите термини во речникот за климатски промени, пренесе „Кембриџ прес“.
Во август минатата година, британски „Гардијан“ предупреди на феноменот што го нарекуваме „топлинска нееднаквост“ (heat inequality). Овој термин е нов збор за климатска неправда и опишува ситуација во која посиромашните земји трпат потешки последици од топлотните бранови во споредба со побогатите земји, што доведува до поголем број на смртни случаи.
Имате ли „greenager“ по дома? Овој термин се однесува на еколошки свесни тинејџери кои активно работат на зачувување на планетата, без разлика дали преку намалување на отпадот, заштеда на енергија или подигање на свеста за еколошките прашања.
Астрономите неодамна го измислија терминот нокталалгија за да го опишат чувството на тага поради губењето на темното ноќно небо поради светлосно загадување. Како што вештачката светлина сè повеќе ги прикрива ѕвездите, сè повеќе луѓе се чувствуваат носталгично за ноќните пејзажи на старите времиња.
Јаглеродното земјоделство и „зелениот ќорсокак“
Како може земјоделството да придонесе за намалување на емисиите на јаглерод диоксид? Одговорот, можеби, лежи во концептите на карбонско (јаглеродно) земјоделство (carbon farming) и (cloud milking) молзење на облаци. Првиот термин се однесува на методите на одгледување растенија кои помагаат да се складира јаглерод диоксид во почвата, додека вториот опишува техника за собирање вода од магла и облаци за употреба во сушните области.
Многу компании ги одложуваат мерките за намалување на емисиите на јаглерод, поради страв дека јавноста ќе ги критикува дека не прават доволно или дека избрале погрешен пристап. Овој феномен се нарекува (greenstalling) и претставува сериозна пречка на патот кон поодржлив бизнис.
Сè повеќе организации поставуваат амбициозни цели не само да ги намалат емисиите, туку и целосно да ги елиминираат. Реалната нула (real zero) се однесува на состојба во која една земја, индустрија или компанија престануваат целосно да произведуваат стакленички гасови, наместо само да ги неутрализираат.
Јазик кој се менува со планетата
Како што климатските промени продолжуваат да ги обликуваат нашите животи, така се менува и нашиот речник. Промените повеќе не се само научен проблем, туку и дел од нашата реалност, култура и јазик.
Минатата година, следните термини беа додадени во речникот на Кембриџ:
Аеробен дигестер (aerobic digester) – систем кој користи кислород за разградување на отпадот, особено при третман на отпадни води.
Извор на воздух (air-source) – опишува уреди кои ја пренесуваат топлината од воздухот во друга средина со цел загревање или ладење згради.
Зелена ревизија (green audit) – официјален преглед на влијанието на компанијата врз животната средина, особено во однос на штетата што ја предизвикува.