Тропските горештини стануваат сè поинтензивни и почести во светот поради климатските промени предизвикани од човековата активност, тврдат научниците, а Јапонија не е исклучок.
Градот Комацу во централната префектура Ишикава во понеделникот забележа нова рекордна температура од 40,3 степени Целзиусови, соопшти Јапонската метеоролошка агенција JMA.
Тојама, град исто така во централниот дел на островот, забележа 39,8 степени, највисоката температура регистрирана откако започнаа мерењата, според JMA.
Рекордни температури, помеѓу 35,7 и 39,8 степени Целзиусови, беа достигнати и на 15 други места, додаде JMA, која ги мери температурите на повеќе од 900 точки во земјата.
На 30 јули, Јапонија се соочи со највисоката регистрирана температура од 41,2 степени во западната покраина Хјого.
Сезоната на дождови заврши околу три недели порано од вообичаеното во западните региони на Јапонија, што е уште еден рекорд.
Поради ниските нивоа на врнежи и топлина, резервоарот на север е речиси празен од вода, соопшти министерството на земјата, а земјоделците се загрижени дека недостатокот на вода и екстремната топлина би можеле да доведат до слаби жетви.
Експертите предупредуваат дека цветовите на јапонските цреши цветаат порано поради потоплата клима или понекогаш воопшто не цветаат бидејќи есента и зимата не се доволно ладни.
Снегот на врвот на планината Фуџи никогаш не се појавил толку доцна како минатата година. Имено, се појавил само на почетокот на ноември, а во просек се појавува на почетокот на октомври.
Оваа година, Јапонија ги забележа најтоплите јуни и јули откако започнаа мерењата во 1898 година, а JMA предупредува на дополнителна „силна топлина“ во наредните месеци.
Брзината со која се зголемуваат температурите не е иста низ целиот свет.
Од континентите, Европа доживеа најбрзо затоплување по деценија од 1990 година, веднаш по неа следи Азија, според Националната метеоролошка служба на САД (NOAA).