Кои се најзадолжените земји во првиот квартал од 2023 година?

од Vladimir Zorba
172 прегледи

Јавниот долг на еврозоната на крајот на првиот квартал изнесувал 91,2 отсто од БДП, а јавниот долг на ЕУ 83,7 отсто од БДП, се наведува во најновиот извештај на Евростат.

Споредено со последниот квартал од минатата година, јавниот долг е намален и во еврозоната и во ЕУ, бидејќи тогаш изнесуваше 91,4 отсто, односно 83,8 отсто од БДП. Јавниот долг е намален и во однос на истиот квартал лани, кога во еврозоната изнесуваше 95 отсто, а во Европската унија 87,4 отсто од БДП.

Најзадолжени земји во првиот квартал од 2023 година биле Грција – 168,3 отсто од БДП, Италија – 143,5 отсто од БДП, Португалија – 113,8 отсто од БДП, Шпанија – 112,8 отсто од БДП и Белгија – 107,4 отсто од БДП.

Најмалку задолжени земји се Естонија, чиј национален долг изнесуваше 17,2 отсто од БДП, Бугарија со 22,5 отсто од БДП, Луксембург – 28,0 отсто од БДП и Данска – 29,4 отсто од БДП. Споредено со последниот квартал од 2022 година, пораст на националниот долг е забележан во 11 земји од ЕУ, пред се во Луксембург за 3,4 отсто, Белгија за 2,2 отсто, Австрија и Латвија за по 2,1 отсто, во Романија за 1,7 отсто и во Унгарија за 1,5 отсто.

Квартално намалување на јавниот долг е забележано во 16 земји од ЕУ, пред се во Грција за три отсто, на Кипар за 2,5 отсто, во Холандија за 1,8 отсто, во Естонија за 1,2 отсто, во Шведска за 1,1 отсто, во Полска за еден отсто и во Ирска и Италија за по 0,9 отсто.

На годишна основа, јавниот долг во однос на БДП е зголемен во шест земји од ЕУ, и тоа Луксембург за 5,4 отсто, Чешка за 1,7 отсто, Латвија за 1,1 отсто, Романија за 0,7 отсто, Бугарија за 0,5 отсто и Финска за 0,2 отсто. Јавниот долг падна на годишно ниво во 21 земја на ЕУ, најмногу во Грција за 21,2 отсто, на Кипар за 18,0 отсто и во Португалија за 10,8 отсто.

Слични содржини