Командантот на КФОР, Улуташ: Од суштинско значење е продолжувањето на дијалогот меѓу Косово и Србија

од Илинка Илиоска
19 прегледи

Командантот на мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, генерал-мајор Озкан Улуташ изјави дека продолжувањето на дијалогот меѓу Косово и Србија, со посредство на Европската унија, останува од суштинско значење и дека тоа е можно, но, според него, потребна е „вистинска храброст и посветеност од двете страни“.

Ова, како што пренесуваат медиумите во Приштина, го изјави Улуташ од седиштето на НАТО во Брисел, во обраќањето по повод завршувањето на неговиот мандат како командант на КФОР.

Турскиот генерал рече дека дијалогот не е само политичка, туку е и морална неопходност.

„И покрај нивните разлики, сите заедници во Косово ја делат заедничката надеж за мирна и просперитетна иднина. Тензиите сè уште вријат, а недовербата меѓу заедниците го попречува напредокот. Политичкиот дијалог меѓу Белград и Приштина продолжува да се соочува со пречки. Во таа насока, НАТО и КФОР целосно го поддржуваат дијалогот олеснет од ЕУ за одржливи решенија за нерешените прашања. Останувам оптимист дека – со трпение, упорност и конструктивен однос од сите страни – овие пречки можат да се надминат“, додаде Улуташ.

Тој ги повика сите заедници во Косово да продолжат со напорите за разбирање и соработка.

„Ова искуство го продлабочи моето разбирање за тоа колку е критична соработката и довербата за одржување на мирот во сложени средини. Ги повикувам сите заедници да продолжат со напорите за разбирање и соработка. Продолжувањето на политичкиот дијалог меѓу Приштина и Белград останува суштинско и јас цврсто верувам дека тоа е можно. Сепак, ова бара вистинска храброст и посветеност од двете страни. Овој дијалог не е само политичка, туку и морална неопходност за доброто на идните генерации“, порача Улуташ.

Командантот на мисијата на Северноатлантската алијанса во Косово изјави дека КФОР спречил ризици од создавање ситуации кои би можеле да доведат до инциденти или ескалација.

Од стапувањето на Улуташ на чело на КФОР, оваа мисија четирикратно го зголеми присуството на северот на земјата, населен со мнозинско српско население, додека тројно го зголемија бројот на патроли, вклучително и оние долж граничната линија со Србија.

„По настанот на 24 септември (2023 година во Бањска), НАТО распореди речиси 1.000 дополнителни војници во КФОР. Го зголемивме присуството на КФОР на северот на Косово за четири пати и го зголемивме бројот на патроли, вклучително и долж административната гранична линија. Ова се претпазливи чекори за да се осигура дека КФОР ќе продолжи да го исполнува својот мандат – врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации од 1999 година – да обезбеди безбедна средина за сите луѓе во Косово, во секое време и непристрасно“, изјавија тогаш од мисијата.

Слични содржини