Поранешниот претседател на Сирија, Башар ал Асад побегна од земјата на 8 декември, ставајќи крај на неговото 24-годишно владеење со земјата. Сега е откриено како го префрлил своето богатство во Русија каде што е сега.
Според Ројтерс, операцијата за извлекување на богатството, во кое имало готовина, злато и други вредни предмети, ја раководел Јасар Ибрахим, неговиот долгогодишен главен економски советник.
Тој го осигурал авионот „Embraer Legacy 600“ со кој префрлал вредни предмети од Дамаск во Обединетите Арапски Емирати, а од оваа земја во Москва, каде што рускиот претседател Владимир Путин му дал политички азил на Асад.
Овој авион, според достапните информации, летал четири пати на релација Сирија-ОАЕ за само 48 часа, со што Асад успеал да пренесе значителен дел од своето богатство во својот нов дом.
Последниот од овие летови тргна од руската база Хмеимим, од која Асад побегна во Русија неколку часа подоцна, пред бунтовниците кои влегоа во сириската престолнина.
Авионот носел неозначени црни кеси во кои имало најмалку 500.000 долари во готовина, како и документи, лаптопи и хард дискови со клучни разузнавачки информации за „Групата“, кодното име што го користат Асад и соработниците за сложена мрежа на субјекти што вклучува телекомуникациски, банкарски, недвижнини, енергија и други бизниси, пишува Ројтерс.
Движењата на Асад беа скриени дури и од неговите најблиски членови на семејството во последните денови од неговиот режим.
На 6 декември, додека бунтовниците предводени од групата Хајат Тахрир ал-Шам напредуваа кон главниот град, авион Ембраер се приближи до меѓународниот аеродром во Дамаск. Повеќе од десетина членови на Сириската разузнавачка служба на воздухопловните сили главниот инструмент на политичката репресија во времето на Асад беа мобилизирани за обезбедување на свечената сала, ВИП делот на аеродромот и пристапниот пат.
Неколку цивилни автомобили со затемнети стакла се приближија до областа. Автомобилите и припаѓале на елитната Републиканска гарда, задолжена за заштита на Асад и претседателската палата.
Авионот C5-SKY секој пат летал до аеродромот Ал Батин во Абу Даби, кој го користат државници и познат по своите строги правила за приватност. Секогаш кога ќе слеташе, автомобилите брзаа кон авионот, кратко се задржуваа и заминуваа непосредно пред авионот повторно да полета, изјави извор за Ројтерс.
Летовите од Дамаск, освен пари, носеле и слики и мали скулптури, вели истиот извор.
На 7 декември, авионот се врати во Дамаск и полета за Ал Батин по трет пат нешто повеќе од еден час подоцна, овој пат натоварен со кеси со готовина, како и хард дискови и електронски уреди кои содржеа информации за корпоративната мрежа на Асад.
Зачуваните информации вклучуваа финансиски извештаи, записници од состаноци, сопственост на фирми, недвижен имот и партнерства, како и детали за готовински трансфери и офшор фирми и сметки.
Во раните утрински часови на 8 декември, бунтовничките борци стигнаа до Дамаск, што го натера Асад да побегне во неговото крајбрежно упориште Латакија, во координација со руските сили. Аеродромот во Дамаск престана да работи.