Косово ја забрани употребата на TikTok во јавните институции

од Илинка Илиоска
120 прегледи

Владата на Косово ја разгледа предлог-одлуката за забрана за работа на услугите на социјалната мрежа „ТикТок“ во сите институции на Република Косово. Без гласови против оваа одлука беше одобрена.

Заменик-министерот за внатрешни работи на Косово, Бардил Добра, рече дека забраната на оваа платформа се должи на сајбер ризиците што ги претставува.

„Оваа одлука има за цел да ги заштити државните институции на Косово од закани за сајбер безбедноста и дејствија кои можат да се користат за сајбер напади врз инфраструктурата на информатичката технологија и комуникацијата на институциите на Косово“, рече тој.

Одлуката на Владата ги обврзува сите јавни институции кои поседуваат и управуваат со државните комуникациски мрежи „да ги утврдат потребните технички ограничувања за да ја забранат работата на апликативните услуги на TikTok на официјалните работни места.

„Исто така, сите јавни службеници се обврзани да ја отстранат апликацијата TikTok и нејзините датотеки за инсталација од официјалните уреди“, рече Добра.

Владата на Косово соопшти дека забраната за TikTok во институциите е направена по примерот на сојузничките земји. Многу земји ширум светот воведоа ограничувања на оваа платформа, поради безбедносни причини, додека Европската Унија ја забрани употребата на TikTok во своите институции.

Слични содржини