Министерот за правда, Игор Филков вчера ја информираше јавноста дека потпишал барање за екстрадиција на осудените за случајот „Монструм“ – Алил Демири и Африм Исмаиловиќ и дека овие барања се доставени до косовското Министерство за правда. Но, адвокатот Бесник Бериша кој сега е и претседател на Адвокатската комора во Косово, а лани го застапуваше Демири пред косовскиот суд кога беше уапсен за време на сообраќајна контрола, вели дека такво нешто не е можно да се случи.
„Самиот министер кој одржа прес конференција за да се рекламира како наводно да прави напори повторно да побара екстрадиција за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, знае дека тоа апсолутно и законски невозможно. И, ова го прави само за политичка употреба и пропаганда за да се покаже дека прави нешто за да ги врати двајцата невини кои се осудени за криминал кој не го направиле. Така што, јас сум убеден дека и сега и кога било и кој и да се обидува да бара екстрадиција тоа нема да се реализира затоа што ако се реализира значи дека ќе се направи криминал, а не правда“, рече Бериша.
Тој нагласи дека Демири и Исмаиловиќ се неправедно осудени во отсуство и за делото треба да одговара некој друг.
„Историјата за неправдите во поранешна Југославија и земји кои Албанците ги судат само заради етничката припадност покажува дека осудата за доживотен затвор е неоправдана. Нивната осуда не е базирана на факти и на докази и осудата е донесена спротивно на законите и стандардите кои се меѓународно прифатени. Затоа Косово одлучи да го одбие барањето кое не е за спроведување на правдата, туку е за прогонство“ рече Бериша.
Адвокатот додаде дека и минатиот пат кога Демири беше ослободен во Косово, тоа беше одлучено на база на законот и уставот на Косово и според меѓународната конвенција за екстрадиција поткрепена со меѓународни акти кои го гарантираат овозможувањето на престој на лица кои се прогонувани во своите земји.
„Во конкретниот случај, државата барател, Северна Македонија докажа дека не е способна да го одбрани меѓународните стандарди и да осигура фер судење за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се теретат за убиство“, рече Бериша.
Според него за убиство, без разлика на бојата и без разлика на етничката припадност треба да одговара тој што го сторил, а не некој само заради тоа што е Албанец.
Полицијата на Република Косово, во соработка со македонската полиција, во август минатата година во Косово го лиши од слобода Алил Демири (38) врз основа на издадена меѓународна потерница од македонското МВР, баран врз основа на наредба на Oсновниот суд Скопје 1, за сторено кривично дело тероризам предвидено по член 394 од Кривичен закон. Демири се бара бидејќи е правосилно осуден за петкратното убиство кај Смилковското езеро.
Тогаш неговиот адвокат изјави дека по приложените докази од одбраната и појаснетите аргументи дадени на рочиштето на кое беше адресирано барањето на обвинителството за определување мерка притвор, обвинителот кој го застапуваше предлогот се повлече од барањето.
Македонското Министерство за правда екстрадицијата на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ ја чека од 2013 година кога прв пат испрати барање. Ова барање беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година.
Екстрадиција од косовските власти повторно беше побарана на 5 септември.2018 година.
Демири, заедно со Африм Исмаиловиќ во 2012 година, побегна во Косово. Година дена подоцна и двајцата беа уапсени од косовската полиција и беа осудени за нелегална трговија со оружје.
Откако ја одлежаа казната тие излегоа од затвор и оттогаш се слободни граѓани на Косово.
Момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски беа убиени на 12 април 2012 година. На доживотен затвор за нивното убиство беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
И.И.