Германскиот амбасадор во Косово Јорн Роде го поддржа ставот на ЕУ, која смета дека затворањето на девет филијали на Поштата Србија на север од страна на косовските власти е еднострана и некоординирана акција. Роде на платформата Х изјави дека таквите постапки се спротивни на договорите за дијалог.
„Едностраните и некоординирани чекори не само што се во спротивност со договорите за дијалог, туку – што е уште полошо – ризикуваат апликацијата на Косово за членство во ЕУ да остане во фиока“, напиша Роде.
ЕУ соопшти дека затворањето на канцелариите на Поштата на Србија на северот на Косово е акција која не може да понуди решение за ниту едно прашање што му припаѓа на дијалогот.
Во понеделникот косовската полиција затвори девет филијали на Поштата Србија во северните општини, кои наводно работеле незаконски.
Затворени се по три објекти во Северна Митровица и Лепосавиќ, два во Звечан и еден во Зубин Поток.
Покрај ЕУ и амбасадата на САД во Косово, затворањето на филијалите го осудија и претставници на Пошта Србија, Српската листа и српските државни институции.