Косовското Министерство за одбрана на Косово денеска ги демантираше медиумските наводи дека е планирано повлекување на американската армија од Косово.
– Оваа вест, која ја делат некои веб-страници и телевизиски канали е дезинформација која ја шират надворешни актери со цел да се дестабилизира земјата и Западен Балкан, се наведува во соопштението од косовското МО.
Во соопштението се истакнува дека повлекувањето на американските трупи од НАТО силите во Косово (КФОР) „не доаѓа предвид“, бидејќи таквите одлуки за распоредување или повлекување не се носат случајно.
Косовското Министерство за одбрана наведе дека е во постојана координација со САД за секоја одлука и во редовна неделна комуникација со КФОР, потенцирајќи оти тврдењата на медиумите се неосновани.
Во КФОР има над 600 американски војници.
Западните земји стравуваат дека евентуалниот договор помеѓу Вашингтон и Москва за Украина и промената на приоритети на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп може да доведе до завршување на присуството на американски војници во делови од Европа.