Ковачевски: АД ЕСМ успеа значајно да го зголеми производството на електрична енергија и истото сега достигнува и над 21.000 MWh дневно

од Radmila Tasevska
216 прегледи

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски на панелот посветен на теми од енергетиката на Конференцијата што се одржа по повод една година од работењето на Владата, порача: „АД ЕСМ успеа значајно да го зголеми производството на електрична енергија и истото сега достигнува и над 21.000 MWh дневно. Со наше домашно сопствено производство ги задоволуваме потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, но и количините за дополнителните снабдувања доделени на ЕСМ со одлука на Влада како антикризна мерка“.

„Целата јавност знае дека електраните со кои располага АД ЕСМ се стари по 40, 50 и 60 години, дека нивната амортизација е голема и производството на електрична енергија се одвива преку нивно постојано и континуирано санирање и одржување. Неинвестирањето во нови електрани во изминатите 30 години од страна на сите политички елити е нешто што не можеме да го вратиме назад, но со забрзано темпо и големи чекори можеме да надокнадиме дел од изгубеното во минатото. Ние како раководство во изминатите години направивме капитални ремонти во РЕК Битола кои не беа направено подолго време, вложивме средства и време и работа се со цел да ги зајакнеме, да ги направиме поиздржливи и посигурни во производниот процес. Ги рехабилитираме и хидроелектраните. Но, нивната старост како постојки изградени во едно далечно минато ние не можеме да ја смениме. АД ЕСМ некаде од 2019г почна да ги спроведува проектите од енергетската транзиција односно енергетската трансформација. Сите наши активности беа во склад со усвоената Стратегија за енергетика до 2040 година и со движењето кон зеленото сценарио. Но, додека ги поставувавме проектите и ги спроведуваме, а некои и успеавме да ги изградиме, се случи енергетската криза“ рече Ковачевски.

Сепак, во тек e реализација на 12 проекти од страна на АД ЕСМ, кои ќе донесат инсталирана моќност од 1760MW, што е повеќе од постоечката инсталирана моќност на сегашните капацитети на ЕСM, од 1420MW.

„Што се однесува до енергенсите јаглен и мазут, тоа се енергенсите кои во моментот нам ни овозможуваат базна енергија како држава. Додека ние не ги изградиме гасните електрани во РЕК Битола и додека не го изградиме Чебрен како реверзибилна хидроелектрана, и додека не се воведат масовно батериски системи за обновливите извори, ние ќе мораме да се потпираме на јаглен и мазут. И ние како АД ЕСМ, и Владата и сите други надлежни институции работиме во правец на зеленото сценарио, и во однос на регулативата и во однос на активностите на терен“ рече Ковачевски.

Слични содржини