Ковачевски и Мицкоски се спремаат за среда – лидерите на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ го најавија дуелот

од Симе Стоиков

Димитар Ковачевски, експремиерот и актуелен лидер на СДСМ, вели дека се радува за најавениот телевизиски дуел со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, бидејќи, како што вели, граѓаните конечно ќе може да се чујат кој каков став има по однос на најважните прашања за државата.

„Добро е кандидатите за врвни носители на функции во државата, функцијата пратеник или иден премиер на државата е врвна, треба пред граѓаните да ги презентираат своите програми, своите ставови и одговори на клучните прашања за иднината на државата“,

И лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски очекува успешен дуел со претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски што ќе го привлече вниманието на граѓаните и ќе им даде одговори на многу прашања кои не биле во можност да ги слушнат.

Во изјава по потпишувањето на Повелбата на партнерите од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски кажа дека ќе презентира како ја гледа Македонија во наредните децении.

– Очекувам да имаме сериозна дебата за иднината на Македонија бидејќи досега 6,5 години, би рекол седум години се навршуваат на 1 јуни од Владата на СДСМ и ДУИ која покажа сè, само не државотворност, сериозност и план за просперитетна иднина на Македонија и граѓаните. Очекувам на тој дуел да презентираме како ја гледаме Македонија во следните децении, барем јас така ќе бидам подготвен и барем јас така ќе настапам. И посакувам успешен дуел кој ќе го привлече вниманието на граѓаните и којшто ќе даде одговор на многу прашања коишто можеби ете граѓаните, не биле можност да ги слушнат, изјави Мицкоски.

Како што е познато дуелот е закажан за во среда на 3 април, ден пред стартот на предизборната кампања за претседателските и парлемнатрните избори, а ќе биде емитуван на Канал 5 телевизија.

Слични содржини