408
Откако утринава министерката за одбрана, Радмила Шекеринска потенцираше на кој начин ќе го санкционира Драган Ковачки за како што вели, навредите упатени до нејзе и началникот на Генералштабот, тој повторно се огласи на социјалните мрежи.
„Шекеринска повторно манипулира и објавува детали од интерни армиски постапки за кои цело време предупредувам.
Прво, престанете да манипулирате и кажете и’ на јавноста дека Комисија предводена од генерал не најде докази за тоа за што ме обвинувате, а Вашата комисија во која нема ниеден генерал туку има и лица помлади по чин од мене, Ви достави нарачан предлог.
Па од авион се гледа Вашиот притисок врз Вашата комисија.
Институцијата не Ви е партиска играчка да се пресметувате со мене затоа што не мислам како Вас.
Второ, должите да одговорите: Зошто и после година дена се’ уште на вашиот фејсбук профил стои доверлива класифицираната мапа од зона на одговорност на армиска единица?
Трето, дефокусирате од вистинските проблеми:
– Која е улогата на министерот за одбрана во набавките на кинеските вакцини од ФАНТОМ фирмата во Хонг Конг?
– Како може со чиновничка плата да се купи куќа вредна баснословна сума а за багателна цена? Еве ја повикувам јавноста и истражувачките новинари да се заинтересирааат за случајот и да го истражат.
Последно, не е учтиво од уста на дама на толку висока политичка и партиска функција да напаѓате на личност со неумесен речник и да ме наречете плачко и лажго. Нема да се симнам на тоа ниво, но во интерес и добробит на општеството, на сите родители би им советувал такви фрази да избегнуваат пред своите деца“, се вели во објавата на Ковачки.