Крај за готвењето на балкони? Оваа земја со нов закон ќе го регулира куќниот ред во станбените згради

од Илинка Илиоска
56 прегледи

Хрватска наскоро би можела да го ограничи готвењето на балконите и да воспостави нови правила за заеднички живот во зградите, благодарение на новиот Закон за управување и одржување на згради, кој е во собраниска процедура во хрватскиот Сабор и треба да стапи на сила следната година. Законот воведува значајни промени – од полесно енергетско обновување и поставување лифтови до нови одредби за станбени згради.

Целта на законот, според неговите предлагачи, е подобрување на управувањето и одржувањето на зградите и покачување на квалитетот на живот во нив. Еден од најинтересните елементи е „куќниот ред“, кој ќе регулира различни аспекти на заедничкиот живот, вклучително заклучување на влезните врати и извршување работи во становите. Куќниот ред ќе биде составен од општ и посебен дел и ќе се применува на сите станови во зградата.

Законот воведува и казни за прекршување на куќниот ред – сите сосопственици кои нема да ги почитуваат правилата ќе се соочат со финансиски последици. Секој прекршок ќе чини трипати повеќе од месечниот заеднички паричен фонд. Сепак, има загриженост дека примената на овие казни ќе биде тешка, особено во големите згради каде што е предизвик да се следат и утврдуваат прекршувањата. Затоа, улогата на претставниците на косопствениците ќе биде клучна во спроведувањето на новите одредби, а тие ќе треба да ги преземат административните задачи и да се грижат за правилната примена на законот.

Законот исто така се очекува да донесе правила за контрола на бучавата и мирисите во зградите. Иако овие одредби се сè уште непотврдени, најавено е воведување правилник што ќе го регулира степенот на емисија на звуци и мириси меѓу станбените единици. Овие мерки имаат за цел да ја подигнат културата на живеење и да создадат посигурна и попријатна атмосфера за сите жители.

Слични содржини