Кристалина Георгиева собира поддршка за втор мандат на чело на ММФ

Бугарската економистка минатата недела ја доби поддршката од францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер, кој истакна за време на состаноците на Г-20 за финансии во Сао Паоло дека Георгиева завршила „одлична работа“

од Бети Божиноска
241 прегледи

Шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, е заинтересирана за втор петгодишен мандат на чело на глобалниот кредитор и веќе работи на обезбедување доволна поддршка меѓу земјите-членки, велат за „Еурактив“ извори запознаени со плановите.

Бугарската економистка минатата недела ја доби поддршката од францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер, кој истакна за време на состаноците на Г-20 за финансии во Сао Паоло дека Георгиева завршила „одлична работа“ водејќи ја институцијата и дека Франција ќе ја поддржи за втор мандат.

Мандатот на Георгиева завршува на 30 септември. Таа претходно беше потпретседателка на Европската комисија.

Со оглед на тоа дека европските земји традиционално номинираат канидат за лидерската позиција во ММФ, поддршката на Лемер е критична иако со тоа треба да се сложат сите членки на ЕУ, а конечната одлука ја носи бордот на директори на институцијата.

Георгиева изјави минатата недела дека е фокусирана на работата, а не на тоа дали да бара нов мандат, а портпаролката на ММФ, Џули Козак, одби да даде официјален коментар, упатувајќи ги новинарите кон Георгиева.

„Блумберг“ прв објави дека Георгиева е заинтересирана за втор мандат и дека веројатно же има доволна поддршка за тоа. Георгиева е втората жена на чело на ММФ и првата личност од пазарна економија во развој на таа позиција.

Ако Георгиева добие втор мандат во ММФ, тоа ќе помогне да се одговори на долгогодишната загриженост покрената од пазарите во развој и од земјите во развој во врска со американско-европскиот дуопол во двете глобални финансиски институции- ММФ и Светската банка.

Самопрогласената „вечна оптимистка“ Георгиева преживеа огромни шокови во глобалната економија, почнувајќи од појавата на пандемијата на Ковид-19 само неколку месеци откако ја презеде функцијата до руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Георгиева рано привлече критики во и надвор од ММФ поради нејзиниот притисок да ги вклучи климатските промени како фактор во извештаите за надзор на економиите на земјите-членки и нејзиниот голем интерес за пазарите во развој и за економиите во развој.

Таа имаше клучна улога во обезбедувањето големи заеми за Украина, помагајќи да се катализираат дополнителни средства за да ѝ се помогне на украинската економија да ги издржи притисоците од двегодишната војна со Русија, го набљудуваше обновувањето на огромната програма за заем на Аргентина и континуирано ѝ помагаше на Кина да ги прифати реструктуирањата на државниот долг.

Слични содржини