„Имаме ли денес средства и алатки за да ја свртиме ситуацијата и да го промениме текот на настаните? Немаме. А ако вака продолжи, ќе ја изгубиме војната“, изјави поранешниот шеф на дипломатијата на Украина, Дмитро Кулеба, пренесува Фајненшл Тајмс (ФТ).
Кулеба донекаде го омекна својот став велејќи дека „факт е дека работите изгледаат лошо на бојното поле, но изгледаа уште полошо во првите месеци од 2022 година“.
Во интервју за ФТ тој го коментираше и новоизбраниот американски претседател , но и претседателот во заминување. Кулеба за Џо Бајден рече дека се уште размислува со логиката на Студената војна и поради тоа Украина нема да стане членка на НАТО или да добие нуклеарно оружје.
„Неговиот ум беше обликуван од логиката на Студената војна. Со него не разговарате за членство во Алијансата за Украина. Не зборувајте со него за нуклеарно оружје. Тоа се работите што го предизвикуваат“, рече поранешниот шеф на дипломатијата, додавајќи дека неговата земја, сепак, имала среќа со изборот на Бајден за претседател на САД, бидејќи во спротивно ситуацијата за Киев ќе била многу полоша.
А што е со Доналд Трамп?
„Воопшто не сум загрижен, бидејќи тоа не е нешто што можам да го променам. Прво, одделете го она што го зборува Трамп од она што го зборуваат луѓето околу него. Маск и синот на Трамп можат да кажат што сакаат. Но, ако погледнете што кажа Трамп, станува збор само за две работи. Прво, дека ќе ја запре војната. И второ, дека Зеленски е најдобриот трговец во светот“, рече Кулеба.
На крајот од интервјуто тој го кажа своето мислење за тоа колку долго ќе трае војната во Украина.
„Оваа војна ќе продолжи се додека Путин верува дека Украина нема право да постои. А сите што мислат поинаку се или будали или се на рускиот платен список“, заклучи Кулеба.