Косовскиот премиер, Албин Курти, во последните десет дена водел разговори со лидерите на опозициските партии и со членовите на својата владина коалиција, при што една од главните теми била можноста за распишување на предвремени парламентарни избори.
Анонимен пратеник од партијата на Курти, Движењето Самоопределување (ВВ), открил дека премиерот се стреми кон договор со опозицијата. Според изворот, Курти предложил на опозициските партии да го поддржат новиот Граѓански законик и други закони поврзани со енергетиката и инфраструктурата, во замена за распишување на предвремени избори.
Изјавата на анонимниот пратеник за Ројтерс ја пренесоа приштинските медиуми кои објавија дека Курти се обидува да обезбеди поддршка за Граѓанскиот законик, кој, меѓу другото, предвидува легализација на истополовите бракови, што предизвикало отпор кај дел од пратениците во неговата партија. Курти, за време на својата посета на Германија, ветил дека ќе се ангажира лично за да обезбеди потребното мнозинство за овој закон.