Курти: По терористичкиот напад пронајдени воени ознаки на Србија и Русија

од Milan1
86 прегледи

По терористичкиот напад што се случи во петокот вечерта, меѓу запленетите оружја и експлозиви беа пронајдени воени ознаки на вооружените сили на Србија и Русија, вклучително и Руските Воено-десантни сили (ВДВ), тврди косовскиот премиер Курти.

Како што изјави тој, поврзаноста на уапсените лица со терористичката организација „Цивилна заштита“, која е спонзорирана од Белград, укажува на присуство на странски актери во дестабилизацијата на Косово.

Курти потсети дека ваквите напади не се изолирани настани.

„Се разбира, терористичките настани не се случуваат изолирано. Во овој контекст, минатогодишната паравоена инвазија на Србија и нејзиното постојано спонзорство на криминалот преку различни методи на северот на Косово остава малку простор за шпекулации. Сепак, истрагата е во тек, а ќе бидат откриени дополнителни детали, вклучувајќи го и бројот на странски актери, рече Курти.

Да потсетиме, доцна во петокот вечерта се случи експлозија на водоводниот канал Ибар-Лепенац на северот на Косово. Властите во Приштина го нарекоа „терористички чин“ и го обвинија официјален Белград за вмешаност, што српските државни функционери го негираа, инсистирајќи на „непристрасна меѓународна истрага“.

Косовската полиција во саботата објави дека при претреси на северот на Косово запленила одредена количина воени униформи, оружје и муниција, а уапсила осуммина осомничени, но некои од нив се ослободени.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во неделата категорично ја отфрли вмешаноста на официјален Белград во експлозијата на водоводниот канал на северот на Косово, оценувајќи дека тоа е „обид за жесток хибриден напад“ и запирање на Србија на патот кон Европа и побара непристрасна меѓународна истрага.

Слични содржини