Лагард: Најмногу се плашам дека некои ЕУ земји ќе ги укинат стимулативните мерки

од Vladimir Zorba
240 прегледи

Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, рече дека нејзиниот најголем страв не е дека Европската унија ќе собере „планина долгови“, туку дека владите можат „брутално“ да ги прекинат стимулативните мерки.

Таквите програми, додаде таа, мора „постепено“ и внимателно да се релаксираат.

„Ова е најтешкиот, најсуптилниот момент кога треба да се направат проценки“, рече Лагард во интервју за Си-Ен-Ен.

Некои политичари се загрижени дека земјите ќе позајмуваат премногу за да ја поддржат економијата оваа година, но Лагард не мисли така.

Владите издвоија милијарди долари помош во текот на изминатата година за да го ублажат економскиот шок предизвикан од пандемијата „Ковид-19“, со поддршка на централните банки, како што е ЕЦБ.

Европските лидери исто така одобрија пакет за економско закрепнување од 1,8 милијарди евра и буџет за помош во зајакнувањето на економиите на ЕУ кога ќе помине кризата, според американската телевизиска мрежа.

Лагард, сепак, нагласува дека дури и кога економијата почнува да се подобрува и закрепнува, политичарите не треба да ја повлекуваат поддршката прерано.

Во својата најнова прогноза, објавена во декември, ЕЦБ предвиде дека европската економија ќе порасне за 3,9 проценти во 2021 година, а производството ќе достигне нивоа пред пандемија до средината на 2022 година.

Лагард истакна дека ваквите прогнози во голема мера зависат од вакцинацијата, која има бавен почеток во Европската унија.

За потсетување, спорот меѓу лидерите на ЕУ и „AstraZeneca“ излезе на виделина минатиот месец откако производителот на вакцини рече дека ќе испорача помалку дози од ветеното.

„Имаме вакцини, се повеќе и повеќе секоја недела, што е добро. Тие се произведуваат, дистрибуираат. Но, луѓето сè уште не се вакцинирани. Ќе треба некое време додека не добиеме колективен имунитет, што само по себе нема да биде задоволително бидејќи се појавуваат нови видови“, изјави Лагард за Си-Ен-Ен во четвртокот.

Другиот клуч, рече Лагард, ќе биде спроведување на програмите за помош.

Додека фискалните правила на ЕУ се олеснети, побогатите земји-членки предаваат пари, а Брисел позајмува во име на земјите кои се борат како Италија и Шпанија.

„Го имаме овој извонреден потег на Европејците кои одлучија да позајмуваат заедно. Но, сега станува збор за резултати”, рече таа.

Слични содржини