Ласерската терапија стана третман на избор за многу васкуларни кожни лезии. Васкуларниот ласерски третман се состои од апликација на ласерски зрак, кој продира во кожата и се трансформира во топлина додека се апсорбира од крвните садови во областа на лекување. Оваа топлина ги коагулира крвните садови и ја олеснува нивната елиминација. Оваа техника, позната како селективна фототермокоагулација, постепено ја намалува големината на васкуларните лезии и трајно ги отстранува третираните крвни садови, без да ја оштети околната кожа. Д-р Весна Бришкоска-Бошковски, специјалист по дерматовенерологија, вели дека има неколку вида ласерски третмани за третирање на вродени и стекнати васкуларни лезии, кои ги вклучуваат овие концепти во нивниот дизајн. Нашиот Центар за перфекција во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ располага со Nd:YAG ласер, така што ласерскиот зрак со бранова должина од 1064 nm трајно ги отстранува сите крвни садови со пречник од 0,1-2,5 mm.
Ласерската терапија овозможува лекување на многу широк спектар на васкуларни патологии. Благодарение на најсовремените дерматолошки ласери, успешно се третираат:
- црвенило на лицето поврзано со розацеа, купероза, оштетување од сонце, лузни од акни
- поикилодермија, типична за црвенило на вратот на фотоекспонирана кожа
- телеангиектазии (мали распукани крвни садови), капилари, пајачести, но и метличести вени на кој било дел од телото
- ангиоми, хемангиоми и други помали васкуларни малформации.
„Васкуларниот ласерски третман е неинвазивен и добро се поднесува. Локална анестезија ретко е потребна. Третманите траат од само неколку минути до 30 минути или повеќе, во зависност од регијата што ја третираме, како и од нејзината големина. Во зависност од индикацијата што ја третираме, најчесто доволни се 1-2 третмани, но неретко за одредени васкуларни лезии е потребен курс од неколку третмани за оптимални резултати“, објаснува д-р Бришкоска-Бошковски.
КОНТРАИНДИКАЦИИ ЗА ЛАСЕРСКИОТ ТРЕТМАН И НЕСАКАНИ ЕФЕКТИ
Ласерскиот третман има некои контраиндикации: земање лекови кои предизвикуваат фотосензитивност, бременост, активен херпес или други инфекции во областите што треба да се третираат, кожни карциноми. Затоа се препорачува овој третман да се врши под надзор на стручно лице, кое ќе земе детална анамнеза за време на прегледот, ќе ја процени вашата соодветност за овој третман и ќе креира индивидуален план за третман, со цел да се постигне посакуваниот резултат.
Како и со секој третман, постои можност за развој на несакани ефекти по употребата на васкуларниот ласер. Несаканите ефекти се значително намалени во рацете на искусен специјалист дерматолог.
„На крајот од ласерската сесија, областа може да биде црвена, придружена со локален оток и модринки, кои обично се повлекуваат во рок од неколку дена. Во ретки случаи, пациентите може да развијат пигментни промени, кои се транзиторни и се губат за 3 до 6 месеци“, објаснува д-р Бришкоска-Бошковски.
КАКВА ПОСЛЕДОВАТЕЛНА НЕГА СЕ ПРЕПОРАЧУВА?
По третманот со васкуларниот ласер, советуваме:
- избегнувајте изложување на сонце и нанесете крем за сончање со широк спектар (UVA и UVB), за да спречите понатамошно оштетување од сонцето најмалку еден месец по третманот
- избегнувајте топли средини, како што се сауни или топли бањи, еден до два дена по третманот
- избегнувајте производи што содржат иританси (на пр. витамин А, бензоил пероксид, гликолна киселина, салицилна киселина), една недела по третманот.
30% ПОПУСТ НА СИТЕ ЛАСЕРСКИ ТРЕТМАНИ ДО КРАЈОТ НА МАРТ
До крајот на март сите ласерски третмани на Одделот за дерматовенерологија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ ќе бидат намалени за 30%. За резервација на термин за консултација и преглед, потребно е да се јавите на 02 3099 500.