Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави за новинарите дека Москва не сака војна, но дека нема да дозволи Западот на најсуров начин да ги игнорира неговите интереси.
– Ако е до Русија нема да има војна. Меѓутоа, Русија нема да дозволи Западот на најгруб начин да ги игнорира нашите интереси. Преговорите за безбедносните гаранции со САД и НАТО не се завршени, рече Лавров, одговарајќи на прашањето на главниот уредник на „Спутник“ и телевизијата РТ, Маргарита Симонјан, дали воопшто има шанси за војна.
Зборувајќи за безбедносните гаранции, Лавров рече и дека има одредени „рационални точки“ во одговорот на САД и НАТО.
– Не можам да кажам дека преговорите се завршени. Како што знаете, Американците и лидерите на НАТО веќе еден месец разговараат за прилично едноставните предлози што ги дадовме во однос на безбедносните гаранции. Нивните одговори ги добивме дури завчера, и како во нивен стил, тие одговори се многу комплицирани, иако има одредени рационални точки, иако за споредни прашања, рече тој.
Тој исто така рече дека одговорот на НАТО, за разлика од американскиот, е премногу идеолошки.
– Американскиот одговор е пример за дипломатска пристојност. Одговорот на НАТО е премногу идеолошки, до тој степен што малку се срамев од оние кои го напишаа тој одговор, додаде тој.