Лавров: Нема да има милост за убијците на Дарја Дугина

од Stefanija Kuzmanovska

Нема да има милост за убијците на Дарија Дугина, убиената ќерка на еден од најистакнатите руски националистички идеолози, предупреди денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

„Тоа е варварско злосторство за кое не смее да има прошка… Не смее да има милост за организаторите, командантите или извршителите“, рече Лавров на прес-конференција.

Руските безбедносни служби ги обвинуваат украинските тајни служби дека ставиле експлозив во автомобилот во кој беше убиена Дугина.

Киев негира каква било вмешаност.

Убиството ја шокираше Русија, каде властите се обидуваат да го убедат населението дека инвазијата на Украина нема негативни последици за Русите.

Но, конфликтот станува сè повидлив во последните неколку недели, вклучително и серија експлозии на Крим, украинскиот полуостров анектиран од Русија, каде што многу од жителите на земјата ги поминуваат своите годишни одмори.

Дугина беше убиена во саботата во напад со автомобил-бомба во близина на Москва.

Истакнати политичари, колеги и пријатели денеска се простија од Дугина во Москва, положувајќи цвеќе и сочувство до нејзините родители, кои седеа во близина.

30-годишната жена работеше како новинарка и коментатор за националистички медиуми.

Нејзиниот татко Дугин (60), кој со години се залаг за создавање на нова руска империја која ќе вклучува територии од земји како Украина, кажа пред ожалостените дека неговата ќерка „умрела за Русија“.

Слични содржини