Откако руската армија ја нападна Украина пред речиси четири месеци, илјадници цивили беа убиени, многу градови беа претворени во урнатини, а милиони Украинци мораа да ги напуштат своите домови. Но, во четвртокот, Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи, ме погледна право во очи и ми рече дека работите не се како што изгледаат.
„Ние не ја нападнавме Украина“, рече Лавров. „Прогласивме специјална воена операција бидејќи немаше апсолутно никаков друг начин да му објасниме на Западот дека вовлекувањето на Украина во НАТО е криминален чин“, пишува новинарот на Би-Би-Си, Стив Розенберг.
Откако започна руската инвазија на Украина на 24 февруари, Лавров даде само неколку интервјуа за западните медиуми.
Во интервју за Би-Би-Си, тој го повтори официјалниот став на Кремљ дека во Украина има нацисти.
Руските власти често тврдат дека нивната војска ја „денацифицира“ Украина.
Агенцијата потсетува дека Лавров во неодамнешниот коментар кој предизвика бројни реакции, се обиде да го оправда фактот дека Русија ги прикажува Украинците како нацисти, иако претседателот Владимир Зеленски е Евреин.
Шефот на руската дипломатија тогаш изјави дека лидерот на нацистичка Германија, Адолф Хитлер, „имал еврејска крв“.
„Го цитирав извештајот на Обединетите нации за украинското село Јахидне и регионот Чернихив во кој се вели дека „руската армија принудила 360 жители, меѓу кои 74 деца и пет лица со посебни потреби, да поминат 28 дена во подрумот на училиштето“.
„Во тој подрум немаше ниту тоалети, ниту вода, а загинаа десет постари лица“.
„Дали е ова борба против нацистите?“, прашал новинарот.
„Голема штета е, но меѓународните дипломати, високиот комесаријат за човекови права на ОН, генералниот секретар и другите функционери се под голем притисок од Западот“, рече Лавров.
„И многу често ги искористуваат за да ги преувеличуваат лажните вести што ги шири Западот“. „Русија не е беспрекорно чиста. Русија е тоа што е. Не се срамиме да покажеме кои сме“, додал Лавров.
Лавров беше министер за надворешни работи на Русија 18 години, но Западот сега воведе санкции против него и неговата ќерка.
САД го обвинија дека шири лажни вести за Украина како агресор и тврдат дека тој сноси дел од директната одговорност за одлуката за инвазијата бидејќи е член на Советот за национална безбедност.
Потоа разговарав со Лавров за односите меѓу Русија и Велика Британија.
Британија е на официјалната листа на непријателски земји на Русија, а јас предложив да се каже дека односите се лоши значи да се ублажи моменталната ситуација.
„Мислам дека веќе нема простор за маневрирање, бидејќи и премиерот Џонсон и министерката Лиз Трас отворено велат дека треба да ја победиме Русија, да ја фрлиме на колена. Ајде, тогаш направете го тоа!“, ми рече Лавров, пишува Розенберг.
Лиз Трас, британската министерка за надворешни работи, минатиот месец изјави дека Владимир Путин се понижува себеси на светската сцена и дека „мора да се погрижиме тој да се соочи со пораз во Украина“.
Кога го прашав Лавров како сега гледа на Велика Британија, тој рече дека таа „уште еднаш ги жртвува интересите на сопствениот народ заради политичките амбиции“, наведува новинарот.
Го прашав за двајца Британци кои неодамна беа осудени на смрт од проруските сепаратисти во окупирана источна Украина.
Кога новинарот укажал дека во очите на Западот Русија е одговорна за нивната судбина, Лавров одговорил:
„Воопшто не ме интересираат очите на Западот. Ме интересира само меѓународното право. Според меѓународното право, платениците не се признаваат како борци“, појаснил рускиот мнр.
Розенберг одговорил дека овие луѓе служеле во украинските вооружени сили и не се платеници, а Лавров рекол дека судот треба да одлучи за тоа.
Тој потоа го обвинил Би-Би-Си дека не ја открил вистината за тоа што се случува во областите во источна Украина контролирани од проруските сепаратисти.
Според Лавров, украинските војници „бомбардирале цивили во текот на претходните осум години“.