Лекарската комора на Македонија стана полноправна членка на CEOM

Овој историски чекор е меѓународно признание за нашата работа и заложба за унапредување на медицинската професија

од Кристијан Димков
14 прегледи Фото: Лекарска комора на Македонија

„Со гордост споделуваме дека Лекарската комора на Република Северна Македонија е примена во полноправно членство во Европскиот совет на лекарски комори (European Council of Medical Orders – CEOM). Овој историски чекор е меѓународно признание за нашата работа и заложба за унапредување на медицинската професија“, се вели во соопштението на Лекарската комора на Република Северна Македонија.

На настанот по повод приемот, кој се одржува во Љубљана, Словенија, во име на Комората се обрати потпретседателката доц. д-р Маја Манолева, која истакна дека приклучувањето кон CEOM претставува стратешки важен чекор за македонските лекари и за здравствениот систем во целина, нагласувајќи дека со тоа се обезбедува директен пристап до највисоките европски стандарди во медицинската етика, професионалната регулатива и континуираната едукација.

Од Лекарската комора на Република Северна Македонија велат дека членството за македонските лекари значи усогласување со европските стандарди преку активно учество во креирањето на правилата за медицинска пракса, подобра заштита на професијата преку механизми за зачувување на нивните права и достоинство,  зголемување на видливоста и влијанието на македонските лекари во европските институции, а се овозможува и полесен пристап до најновите европски медицински достигнувања, знаења и практики.