Левица: Повторно доцни исплатата на породилно

„Особено лицемерно е што истата таа власт секојдневно зборува за демографија, за зголемување на наталитетот. Не може да повикувате на раѓање деца, а да не сте способни навреме да исплатите породилно“, се вели во соопшението на Левица

од Кристијан Димков
20 прегледи Фото: Локално

Цел месец нема исплата на надоместокот за породилно отсуство, оставајќи ги мајките во најчувствителниот период по породувањето без средства што им следуваат по закон, иако станува збор за заработено право од работен однос, а не за милостина. Во услови на ниски плати и растечки трошоци за живот, ваквото доцнење претставува сериозен удар врз егзистенцијата на семејствата, особено на самохраните мајки и домаќинствата каде породилниот надомест е единствен или клучен извор на приход, се вели во соопштението на политичката партија Левица.

„Особено лицемерно е што истата таа власт секојдневно зборува за демографија, за зголемување на наталитетот. Не може да повикувате на раѓање деца, а да не сте способни навреме да исплатите породилно. Не може да се гради демографска политика со празни флоскули додека мајките чекаат на исплата до последен ден од месецот. Доколку Владата има капацитет навреме да исплаќа функционерски плати и привилегии, тогаш мора да има капацитет и навреме да ги исплати мајките. Сѐ друго е доказ за погрешно поставени приоритети.

Левица бара итна исплата на заостанатото породилно и јасен одговор од надлежните – дали станува збор за финансиски проблем, лошо буџетско планирање или елементарна неспособност“, додаваат оттаму.