Премиерите на Чешката Република, Полска и Словенија отпатуваа со воз за Киев за да се сретнат со претседателот Володимир Зеленски како претставници на лидерите на Европската унија и да ја поддржат Украина.
„Целта на посетата е да се потврди недвосмислената поддршка на целата Европска унија за суверенитетот и независноста на Украина“, објави чешкиот премиер Петр Фиала на социјалните мрежи. „Целта на оваа посета е и да се претстави широк пакет поддршка за Украина и Украинците“, истакна тој..
Петр Фиала, Матеуш Моравјецки и Јанез Јанша патуваат со воз за Киев за да покажат поддршка за земјата во име на ЕУ, како први странски лидери што го посетија украинскиот главен град по инвазијата на Русија минатиот месец.
„Наша должност е да бидеме таму“
Киев е под руски напад, а две силни експлозии го потресоа главниот град во вторник пред зори. Службите за итни случаи соопштија дека две лица загинале во нападот на станбената зграда.
Полскиот премиер Моравјецки на Фејсбук објави дека неговата посета на Киев се случила на 20-тиот ден од „криминалната агресија (на рускиот претседател Владимир Путин) против Украина.
„Во вакви клучни времиња за светот, наша должност е да бидеме таму каде што се пишува историјата. Затоа што не се работи за нас, туку за иднината на нашите деца кои заслужуваат да живеат во свет без тиранија “, рече тој.
Главниот советник на Моравјецки, Михал Двочик, за новинарите изјави дека делегацијата ја преминала полско-украинската граница со воз по 20 часот.
Други функционери
Во делегацијата е и полскиот вицепремиер и претседател на полскиот комитет за национална безбедност и одбрана Јарослав Качински, а освен со Зеленски, европските лидери треба да се сретнат и со премиерот Денис Смихал во Киев, објави словенечката влада на Твитер.
Патувањето беше планирано во консултација со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Патувањето беше договорено минатата недела на самитот на ЕУ во Версај, Франција, рече Дворчик.
Русија ги нарекува своите дејствија „специјална воена операција“ за „денационализирање“ на Украина, која Киев и нејзините западни сојузници ја отфрлија како изговор за неоправдан и незаконски напад.