Лидерот на талибанците Хабатула Ахунџада првпат се појави во јавноста во саботата, кога ја посети медресата во јужниот авганистански град Кандахар.
Тој им се обрати на поддржувачите и побара божји благослов за водството на талибанците.
Хабатула Ахунџада е духовен водач на талибанското движење од 2016 година, но тој се држеше подалеку од очите на јавноста, дури и откако неговите следбеници ја презедоа власта во Авганистан во август.
Сепак, талибанските власти соопштија дека Ахунџада ја посетил медресата Дарул улум Хакима во саботата за, како што наведоа, „да разговара со своите храбри војници и ученици”.
Настанот беше строго обезбедуван и од него не беа објавени фотографии или видеа, но на талибанските профили на социјалните мрежи беше споделена десетминутна аудио снимка, што сведочи за тоа.
По тој повод, Ахунџада, кој ја носи титулата „амир ел моминин” или командант на верниците, испрати религиозна порака, во својот говор не се осврна на политиката, туку побара благослов за талибанските лидери.
Ахунџада беше именуван за лидер на талибанците во брзата транзиција на власта, откако неговиот претходник Актар Мансур беше убиен во американски напад со дрон во 2016 година.