Лукашенко: Белорусија чека одговор од ЕУ дали планира да прифати 2.000 бегалци

од Milan1
196 прегледи

Белорусија чека одговор од Европската унија дали сојузот планира да прифати 2.000 бегалци заробени на белоруска територија долж границата со Полска, изјави денеска претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко.

Во интервју за државната новинска агенција „Белта“, тој најави дека Белорусија ќе бара Германија да прифати бегалци, но потврди дека ЕУ сè уште не се огласува ниту пак досега стапила во контакт со официјалниот Минск по ова прашање, пренесува „Ројтерс“.

Лукашенко предупреди дека Полска треба да размисли за последиците од заканата за затворање на граничниот железнички премин, велејќи дека железничкиот сообраќај во такво сценарио може да се пренасочи кон зоната на конфликт во источна Украина.

Тој посочи дека Белорусија не сака да се конфронтира со Полска, но повтори дека Минск очекува одговор од ЕУ за приемот на 2.000 бегалци кои се наоѓаат во Белорусија.

Премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки, вчера предупреди дека бегалската криза во Белорусија може да биде „увертира за нешто многу полошо“, бидејќи белоруските гранични сили се уште ги насочуваат мигрантите кон границата со Полска.

Минатата недела беше организиран првиот лет за репатријација на бегалците од Белорусија во Ирак, а во меѓувреме претседателот на Белорусија Александар Лукашенко најави дека кон крајот на месецов ќе биде организиран уште еден ваков лет.

Европската унија ја обвинува Белорусија дека донела илјадници луѓе од Блискиот Исток и ги насочила да преминат во земјите-членки на ЕУ и НАТО преку Полска, Литванија и Летонија , како одговор на европските санкции.

Белорусија ги отфрли овие обвинувања.

Слични содржини