ЛУКСУЗОТ НЕ ЗНАЕ ЗА КРИЗА: Заработката од познатите модни брендови достигна рекордно ниво и покрај војната во Украина и галопирачката инфлација

од Vladimir Zorba
262 прегледи

ВОЈНАТА во Украина и галопирачката инфлација, се чини, засега не можат да го загрозат пазарот на луксузни стоки.

Како што пренесуваат западните медиуми, нивната продажба е во подем, а заработката во индустријата достигнува нови рекордни нивоа. Експертите објаснуваат дека трендот на зголемување на нееднаквоста во развиените економии трае од деведесеттите. Од една страна се зголемува слојот на богати, а од друга се намалува средната класа и се зголемува бројот на сиромашни.

Концернот „ЛВМХ“ објави дека заработката на неговите модни брендови, како „Луј Витон“, „Диор“ и „Фенди“ достигнала ново рекордно ниво. И продажбата на шампањ, коњак и луксузни часовници исто така поминала многу добро. Оперативната добивка на тој концерн во првите шест месеци од годинава е зголемена за 34 отсто, односно на повеќе од десет милијарди евра. Во тој период нивната продажба пораснала за 28 отсто, односно речиси 37 милијарди евра.

Двоцифрен раст на продажбата и профитот забележаа и конкурентите како „Хермес“ и „Прада“. Корона-кризата и го донесе на индустријата за луксузни стоки најголемиот пад во историјата во 2020 година, но тоа беше прилично кратка пауза. Според студијата на консултантската компанија „Бејн“, глобалниот пазар на луксузни стоки како облека и накит го надмина нивото пред короната и изнесува 288 милијарди евра.

Герд Милер Томкинс, од Германскиот моден институт, забележува дека постои екстремна поларизација на пазарот кога станува збор за модата. Тој наведува дека за едни е што поскапо толку подобро, а за други што поевтино толку подобро, но средината исчезнува.

Војната во Украина и поврзаната висока стапка на инфлација и економски пад досега немаа речиси никакво влијание врз луксузните брендови. Ова се наведува во студијата на консултантската компанија „Бејн“.

– Индустријата за луксузни стоки повторно покажува високо ниво на отпорност во кризи – изјави аналитичарката на таа консултантска компанија Мари Терезе Марек.

– Годинава вкупниот промет на индустријата за луксузни стоки дури може да се зголеми на 320 до 330 милијарди евра и покрај војната во Украина и инфлацијата, додава таа.

Слични содржини