Францускиот претседател Емануел Макрон ѝ соопшти на јавноста дека Франција „не води војна“ на Блискиот Исток, и покрај тоа што испраќа воени засилувања во регионот, вклучувајќи го и носачот на авиони „Шарл де Гол“, и дека го прави тоа за да ги заштити своите граѓани и сојузници погодени од иранската одмазда.
„Ние не сме во војна. Франција не води војна на Блискиот Исток и нема да се вклучи таму. Ги разбирам и ги слушам вашите загрижености многу добро, но сакав да бидам многу јасен. Засилувањата ги штитат Французите а Французите своите сојузници, и стои покрај Либан“, одговори Макрон на корисник на Инстаграм кој беше загрижен за последиците од израелско-американската офанзива во Иран, објавува „Ле Фигаро“.
Францускиот претседател додаде дека воените сили се испраќаат за „пресретнување беспилотни летала и ракети“ и обезбедување на поморскиот сообраќај, и дека сите операции се спроведуваат „на сосема мирен начин“.
Макрон во вторникот објави дека работи на формирање на коалиција за заштита на клучните морски патишта кои се од суштинско значење за глобалната економија, нагласувајќи дека Франција настојува да дејствува што е можно поразумно и посмирено во согласност на нејзината улога во регионот.
Францускиот носач на авиони „Шарл де Гол“, кој е преместен од Балтичкото Море по ескалацијата на Блискиот Исток, ќе пристигне во Медитеранот во сабота, изјави француската министерка за одбрана Катрин Вотрен. „Иако францускиот претседател Емануел Макрон во вторникот го објави распоредувањето на носачот на авиони „Шарл де Гол“ и неговата придружба во Медитеранот, Франција не е во војна“, изјави Вотрен за RTL.
Таа објасни дека за носачот на авиони и неговите шест придружни воени бродови да стигнат до Медитеранот, треба да поминат низ Гибралтарскиот Проток. „Носачот на авиони ќе помине низ Гибралтар утре вечер или сабота вечер. Значи, овој викенд, или поточно, во сабота, носачот на авиони ќе биде во Средоземното Море“, изјави Вотрен.
Вотрен нагласи дека Франција е фокусирана на заштита на своите граѓани, објекти и поддршка на државите со кои има одбранбени договори и нивната позиција е строго одбранбена.
Таа, исто така, објави дека шест дополнителни борбени авиони „Рафал“, покрај оние што веќе се распоредени во Обединетите Арапски Емирати за заштита на француските бази, ќе бидат испратени како дел од договорите што Франција ги има со други држави. „Не зборуваме за испраќање војници“, нагласи француската министерка за одбрана.
Вотрен додаде дека Париз, исто така, работи на евакуација на своите граѓани од Блискиот Исток и дека тоа во моментов не вклучува воени ресурси. „Операциите се спроведуваат со цивилни авиони и по редослед на приоритет, почнувајќи од ранливите лица, старите лица и малолетниците без придружба“